Се субвенционира земјоделството а тоа тоне
Драстично е намалено обработливото земјоделско земјиште за 20 години во земјава, а се повеќе се зголемува увозот на храна, стои меѓу другото во анализата на Радио Слободна Европа.
Ова се случува во период кога државата им дава помош на земјоделците и од година во година таа се зголемува. Како што стои во анализата, не се знае како се одразуваат тие пари и зошто вложувањето во земјоделството на дава резултати.
Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2011-2015 на тема земјоделство тие ќе напишат дека и понатаму ќе бидат „земјоделско-селска влада“ и ќе продолжат со зголемувањето на финансиската подршка за аграрот и руралниот развој. Во нивниот манифест за реформи и развој наведуваат дека планираат да дадат 670 милиони евра субвенции за периодот 2011-2015. За оваа година предвидуваат финансиска помош од 135 милиони евра за земјоделците.
Професор Борис Анакиев вели дека за жал се знаат само планираните средства по години, но никаде не може да се сретне колку навистина е исплатено.
Во споредба со пред 10 години во земјава има 20 отсто помалку посеви со пченица, 15 отсто помалку јачмен, 10 отсто помалку домат, има помалку посеви со тутун. Слична е и состојбата и во сточарството.
Во Македонија згаснува науката за земјоделство, се намалува бројот на земјоделски институти, а институциите не ги фермаат стручњаците, додава Анакиев.