Со водоснабдителни системи ќе се бориме против климатските промени
Во текот на наредните седум години, државата годишно ќе се издвојува по 18 милиони евра за изградба на водоснабдителни системи, а тоа ќе го прави за да го намали влијанието на климатските промени врз земјоделските култури, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски при посетата на Општина Новаци, јави Плусинфо.
– Станува збор за 96.000 хектари кои ќе бидат под систем за наводнување и 90.000 хектари опфатени со систем за одводнување, кој посебно е потребен за Пелагонискиот регион. За жал, имавме несреќа, претходно да се спроведува еден проект кој се покажа како неуспешен, односно гаснењето, ликвидацијата или укинувањето на водостопанските претпријатија и повторно формирање на водостопански претпријатија, еден гломазен систем оптоварен со многу водни заедници кои не беа во функција и не можеа да ги задоволат своите и потребите на земјоделците – рече Димовски.
Тој посочи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по направена анализа по региони за состојбата со земјоделските култури, констатира дека климатските промени најмногу влијаат врз пченицата од Пелагонискиот регион.
– Проблемот е сериозен, затоа што во изминатиов период има малку или никакви врнежи, а тоа значи дека има мала влага на почвата што директно влијае врз интензитетот и квалитетот на пченицата. Ние упорно настојуваме да се применат добри земјоделски практики, да се примени протоколот на мерки кои треба да бидат преземени од страна на земјоделците – нагласи Димовски.