Ја испраќаме старата 2020 и ја пречекуваме новата 2021 година: Што всушност празнуваме ?
31.12.2020
– Нова Година! Што, всушност, празнуваме на 31 декември / 1 јануари? И што значи тоа граѓанска, односно секуларна Нова Година? Тоа е моментот кога сите ние, сиот свет влегува во следното новолетие, т. е. започнува Новата Година. Зборуваме за граѓанско празнување, не за црковно. Па и таканаречената „Василица“, 1 јануари, Нова Година по Јулијанскиот календар, чиешто предание е поврзано со Св. Василиј Велики (бидејќи на истиот ден се празнува овој светец), заедно со Обрезанието Господово, меѓу народот е позната и како „Стара Нова Година“, но во самата богослужба на празникот нема никакви сведоштва и молитви во однос на Новата Година. Тоа, пак, ни докажува дека кај православните народи Новата Година не се празнувала на 1 јануари. Но доколку Црквата го одбележува и одобрува граѓанското новолетие, тоа го прави поради фактот што таа постои во општеството и секое општествено прославување ги опфаќа нејзините верни членови, велат од Бигорскиот манастир.
Стотици милиони луѓе во светот вечер во семејна атмосфера, во домовите ќе ја испратат 2020 и ќе ја пречекаат Новата 2021 година. Годинава кај нас и во целиот свет поради состојбата со Ковид-19 ќе изостанат прославите на плоштадите, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови…
Многу земји преземаа мерки на претпазливост, воведоа рестриктивни мерки и забрани. Надлежните во земјава апелираа граѓаните да бидат совесни, да не се групираат за претстојните празници, да ги почитуваат мерките и препораките. Да мислат на сопственото здравје и на здравјето на своите најблиски.
Поради пандемијата од коронавирусот, оваа година светнувањето на новогодишната елка на плоштадот „Македонија” беше симболично, а на настанот присуствуваше градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов. Со тоа се означи почетокот на новогодишните празнувања во Скопје.
Мите Јаначков