Каде се и што прават петтиот, шестиот и седуммилијардитиот жител во светот?

Во минатите години, ОН избираше бебиња што ќе ги претставуваат петтото, шестото и 7-милијардитото бебе – па што можат да ни кажат нивните приказни за растот на светската популација?
Обединетите нации (ОН) соопштија дека на 15 ноември годинава светската популација го надмина бројот од осум милијарди луѓе. Оваа информација доаѓа само 11 години откако светската популација достигна број од седум милијарди, пишува „Би-би-си“.
Според нивните пресметки, ќе бидат потребни 15 години за да се надмине бројот од девет милијарди луѓе, но и дека не очекуваат да се надмине бројот од десет милијарди сѐ до 2080 година.
Во минатите години, ОН избираше бебиња што ќе ги претставуваат петтото, шестото и 7-милијардитото бебе – па што можат да ни кажат нивните приказни за растот на светската популација?
Само неколку минути откако бил роден во јули 1987 година, сите камери биле насочени кон малото лице на Матеј Гашпар од Хрватска, а група политичари пристигнале да ја посетат неговата исцрпена мајка. Триесет и пет години подоцна, петмилијардитиот жител во светот се обидува да го заборави своето свечено доаѓање на овој свет. Неговата страница на Фејсбук сугерира дека живее во Загреб, дека е среќно оженет и работи како хемиски инженер. Но, тој избегнува да дава интервјуа и одбил да зборува за „Би-би-си“.
Шестмилијардитиот жител во светот е Аднан Мевиќ, кој денес има 23 години и живее во Босна и Херцеговина, земја чие население би можело да се преполови за 50 години.
„Нема да остане никој (во Босна и Херцеговина) за ги исплаќа пензиите на старите луѓе. Сите млади луѓе ќе заминат“, вели тој.
Аднан е магистер по економија и вели дека ќе замине од својата држава доколку не успее да најде работа по струка. Тој живее во предградието на Сараево со својата мајка Фатима, која има неверојатни сеќавања од раѓањето на Аднан.
„Сфатив дека нешто е необично бидејќи лекарите и медицинските сестри почнаа да се собираат околу мене, но не знаев што точно се случува“, вели Фатима.
Кога Фатима се породила, тогашниот генерален секретар на ОН Кофи Анан ги известил дека Аднан е шестмилијардитото бебе во светот.
„Додека другите деца правеа роденденски забави, мене ме посетуваа политичари“, вели Аднан шегувајќи се.
Но, целата ситуација имала и свои поволности – на eдинаесетгодишна возраст, Аднан успеал да го запознае својот идол, фудбалерот Кристијано Роналдо, само поради тоа што бил шестмилијардитиот жител.
Единаесетгодишната Садија Султана Оише од Бангладеш беше прогласена за седуммилијардито бебе во 2011 година. Во моментов таа живее во предградието на Дака заедно со своето семејство, каде што се преселиле пред две години бидејќи „животот на село е поевтин и тука можат да плаќаат школарина за трите ќерки“.
Мајката на Садија не била ни свесна што ѝ се случило кога се породила. Што е поинтересно, таа не ни очекувала дека ќе се породи тој ден. По лекарски преглед, таа била испратена на итен царски рез. Девојчето пристигнало на една минута по полноќ, опкружено со телевизиски екипи и локални службеници што пристигнале да ја видат.
Иако нејзиниот татко се надевал дека, конечно, ќе добие син, тој вели дека е среќен што има три вредни и интелигентни ќерки. Најстарата ќерка веќе е академски граѓанин, а Садија има амбиција да стане лекар.
„Ние не сме добростоечки со финансиите, а коронавирусот ни ги отежна работите. Но, ќе направиме сѐ за да ѝ помогнеме во остварувањето на нејзините соништа“, вели таткото на Садија.
Бебе од Филипините е осуммилијардитото бебе во светот
Винис Мабансаг, која се роди на 15 ноември во Меморијалната болница Хозе Фабела во Манила, беше избрана за осуммилијардитото бебе во светот, пишуваат локалните филипински медиуми.
„Штотуку бевме сведоци на осуммилијардитото бебе во светот. Нејзиното раѓање го чекавме околу два часа, стигнавме во 23 часот, а бебето се роди во 1.29 часот, со нормално породување“, изјави д-р Ромео Битуин, главниот лекар на болницата.
LOOK: Meet baby girl Vinice Mabansag—isa sa sumisimbolo bilang ika-8 bilyong tao sa mundo. Ipinanganak siya sa Dr. Jose Fabella Memorial Hospital kaninang 1:29am. | @gmanews pic.twitter.com/RQE0NSZCjm
— Nico Waje (@nicowaje) November 14, 2022
