Нов музички спот на пијанистката Андријана Арлен, насловен „Unfaithful“, снимен во велешкиот театар (видео)
Објавено: 10 мај, 2026, во 14:55 часот
Снимањето на најновиот спот ја донесе во родниот град, пијанистката Андријана Арлен, која веќе 19 години живее и работи во Малме, Шведска. Пијанистката го сними спотот во велешки Театар откако ја оствари личната желба и направи емотивен, душевен кавер-аранжман на еден од нејзините омилени филмски музики – „Unfaithful“.
Арлен, веднаш по објавувањето на видео спотот соопшти:
„За мене, природно и неизоставно беше во оваа верзија да биде присутен звукот на виолончелото, а со тоа и фантастичната изведба на мојот пријател и колега Столе, кој настапува под уметничкото име SCello. Како и секогаш, создавачкиот процес и снимањата ни се одвиваат прилично брзо, затоа што сме на иста фреквенција. Точно знам до кое ниво можеме да ја донесеме изведбата и како да ја пренесеме емоцијата. Ова не е наша прва соработка, а секако нема да биде ни последна. Во тек е и подготовката на следната композиција – мојата авторска песна „Time for Goodbye“, за која повторно направив верзија за пијано и виолончело. Многу сум среќна што успеавме да снимиме и видеоспотови за двете композиции. Едниот излезе деновиве, поточно на 7 мај, а другиот е во подготовка и се надеваме дека за околу еден месец публиката ќе може да ужива не само во убава музика, туку и во визуелна изведба.“

Со двата спота и двете композиции, оваа македонско шведска пијанистка, најави нареден голем проект, планиран за есева. Станува збор за мини турнеја, најпрво во родната Македонија и потоа низ Европа.
„Навистина сум возбудена што уште сега можам да зборувам за тоа и да најавам дека публиката ќе има можност во живо да ги слушне овие две композиции, како и многу интересна програма. Многу повеќе за турнејата ќе презентираме за околу еден месец. Во моментов, мојот тим и мојот менаџер Александар од Infera Studio засилено работат на осмислување на секој детал. Се надевам дека публиката ќе добие незаборавно искуство поврзано со клавирската и филмската музика,“ додаде пијанистката Адријана Арлеин.
Таа по потекло е од Велес. Средно музичко училиште и Факултет за музичка уметност завршила во Скопје, во класата на проф. Јасминка Чакар. Веднаш по дипломирањето работела како професор во музичкото училиште во Велес, но тоа траело само една година. Потоа заминува во Шведска на магистратура во Музичката академија во Малме и таму останува да живее и работи.
Тоа што е интересно за нејзината професионална реализација е што во Малме, освен што работи како професор по музичко образование и клавир, пред пет години започнува да експериментира со клавирот и се пронаоѓа во кросовер-музиката, како и во компонирање на модерна клавирска и филмска музика.
Дискографијата на Адријана Арлеин веќе брои четири албуми и повеќе од 15 синглови проследени со многу уникатни музички видеа. Нејзината музика е достапна на сите дигитални платформи низ целиот свет. Нејзиниот прв кросовер албум е добитник на две значајни награди во Белград поточно „Балкан авордс – Најдобар кросовер албум“ и за „Најдобар артист“.
Убавка Јаневска



