,,Невера” е официјално најбрзиот електричен автомобил во светот
Вчера „Римац автомобили“ ја објави веста што неодамна ја најави Мате Римац: нивниот автомобил „невера“ официјално стана најбрзиот електричен сериски автомобил во светот. Со ова, овој хрватски хиперавтомобил не го држи само светскиот рекорд за забрзување, туку и брзинскиот рекорд за сериски електричен автомобил.
Најновиот рекорд е постигнат во контролирани услови на овалната специјализирана патека „Аутомотив тестинг Папенбург“ во Германија, која има две ленти од по 4 километри. На нив, „невара“, според официјалното мерење на Џи-пи-ес, достигна најголема брзина од 412 километри на час. Користени се комерцијални гуми „мишелин куп 2Р“, легални за патиштата, а сѐ се одвивало под надзор на инженерите од „Римац“ и „Мишелин“. Ова е, исто така, најголемата брзина што автомобил некогаш ја постигнал на таа тест-патека.
Третина од брзината на звукот
Зад воланот беше Мирослав Зрнчевиќ, главниот тест и развоен возач на „Римац автомобили“. При соборувањето на рекордот, „невера“ беше поставена во т.н. режим на топ-брзина, создавајќи аеродинамичен профил кој го балансира влечењето и надолната сила за да обезбеди стабилност при големи брзини. Најголемата брзина е истата што инженерите ја добиле во симулации за време на развојот на „невера“ и што беше една од целите, уште од претставувањето на концептот „C_Two“ во Женева во 2018 година.
– Патувањето со брзина од 412 километри на час значи патување со третина од брзината на звукот. Постигнувањето на таа брзина во патнички автомобил е неверојатно сложено, но во „невера“ создадовме автомобил што може да помине долги растојанија со едно полнење, може да се справи со тесни и извртени тркачки патеки и може да соборува рекорди за забрзување, достигнувајќи брзини над 400 километри на час. Најважното нешто што го научив за време на обидот за максимална брзина е колку автомобилот беше сталожен и стабилен – што потврдува дека нашите тимови за аеродинамика и динамика на возила завршија неверојатна работа – рече Зрнчевиќ.
„Невера“ се доставува до клиентите со електронски ограничена максимална брзина од 350 километри на час. Во продолжение можете да го погледнете видеото од возењето што го собори рекордот.