Спектакл на небото: Делумно затемнување на Сонцето на 25 октомври
Делумно затемнување на Сонцето, кога Месечината со својата површина, гледано од Европа, ќе фрли сенка и во максимумот од затемнувањето ќе покрие околу една третина од Сонцето, ќе се случи на 25 октомври и ќе трае 2 часа и 3 минути.
Затемнувањето ќе започне во 11:20 часот, ќе го достигне својот максимум во 12:21 часот и ќе заврши во 13:24 часот.
За Македонија, максимумот на затемнувањето ќе биде во 12:35 часот.
Затемнувањето на Сонцето се случува кога Месечината ќе се испречи помеѓу Сонцето и Земјата, делумно или целосно покривајќи го Сонцето, фрлајќи сенка на мала површина од Земјата, а Земјиниот сателит тогаш е во фазата на младата Месечина.
Најголем дел од дијаметарот на Сонцето, над 82 отсто, Месечината ќе го покрие во Русија, во Источен Сибир, северно од Тјумен.
Последното значително делумно затемнување на Сонцето видливо од овој дел на Европа можевме да го набљудуваме во 2015 година, иако едното се случи и во 2021 година со неколку проценти покриеност, односно едвај беше забележливо.
Следното делумно затемнување на Сонцето од овој регион ќе може да се види во 2025 година, но исто така ќе биде едвај забележливо, додека позначајно делумно затемнување ќе се случи во 2026 година.
Последното целосно затемнување на Сонцето видливо од нашиот регион се случи во 1961 година, а следното целосно затемнување на Сонцето од овој дел на Европа ќе биде видливо дури во 2081 година.
Од астрономските здруженија предупредуваат дека никогаш не смее да се гледа во Сонцето без соодветен филтер за набљудување на Сонцето.