Залижаната фризура ја истакнува женственоста
Наназад исчешланата, замастена или мокра фризура повеќе се поврзува со машкиот изглед, но очигледно има одличен прием кај дамите и ја истакнува женственоста.
Фризерот на Роузи, Џорџ Нортвуд, кој се погрижи атрактивната девојка да изгледа моднерно на сите нејзини појавувања на црвениот килим изминатите неколку сезони, објаснува зошто се одлучиле за оваа фризура на Британските модни награди.
– Мислам дека така треба да изгледа една вечерна модерна фризура, залижана, без притоа од нејзе да се цеди вода или восок. Помалку е повеќе-вели Џорџ.
На прашањето како ја изведе фризурата, тој открива дека подготовките почнале уште кога косата била мокра, тазе измиена. Нанесол спреј за сјајна коса, з потоа со фен и со чешел со густи запци ја чешлал и сушел наназад. Мазнењето го постигнал со рачката на чешелот. Откако косата била сува ја финиширал со уште малку лак.
Фризурата изгледа елегантно, модерно и скулпторски. Лесна е за изведување, а нема да се грижите дали ќе се измести во текот на ноќта. И самиот фризер вели дека убавината лежи во тоа што со нејзе може да се покажат шминката, накитот и убавите контури на лицето.