Непознати детали за соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ во Велес
Велешката соборна црква „Свети великомаченик Пантелејмон“ не е најстара црква во Велес, но сепак отскокнува со својата архитектура и детали кои ги вградил во неа папрадишкиот мајстор Андреа Дамјанов. Дамјанов зад себе оставил многу импозантни сакрални, но и други градби кои го прославија во времето во кое живееше. Тоа му го признал директно и турскиот султан, наградувајќи го со редок подарок кој не им се доделувал често на христијани. Султанот, за градбата во Сараево, на Дамјанов му доделил сабја и право да ја носи.
За Дамјанов е пишувано и се знае многу. Ако првично се знаело за неговата припадност во масонството не можам да претпоставам дали ќе бил добро и доволно прифатен. Она што знам е дека и денес црквата не го прифаќа овој податок како и дека масонските симболи кои Дамјанов ги оставил на ѕидовите на најубавата велешка сакрална градба се криени и покривани со слики и икони.
Дека навистина Дамјанов бил масон потврдува и орнаментиката на неговиот гроб, за кој многумина до неодамна и не знаеја каде е се наоѓа. На надгробната плоча нема име, а крстот на гробот е изработен необично за наши услови и ги носи симболите на детелинката, која била прифатена и од француските кралеви.
За Андреа Дамјанов ќе ги споделам и следниве информации до кој дојдов: направил куќа под Којник, станал велешанец, додека за причината на неговата прерана смрт, на 63 годишна возраст, порано се говорело дека е отровот на еден велешки егзархиски владика со кого градителот и неимар вербално влегол во конфликт токму поради некои детали во црквата.
Иако за масоните и масонеријата кај нас малку се знае, за Дамјанов, се претпоставува дека е припадник на француска ложа која го примила при неговиот престој во Париз. Како градител, токму во црквата „Св.вм.Пантелејмон“ искористил неколку масонски правила кои се среќаваат при градби на сакрални објекти.
Имено, црквата е вовлечена скоро 4 метри со својот западен ѕид во природна пештера во која постоел извор на питка вода, која велешани ја користеле за пиење и поење на стоката. При градбата изворот е каптиран и водата е спроведена до чешмите и мраморните корита кои биле поставени веднаш до јужниот ѕид и влез во црквата. Каптажата има и втор, преливен цевовод од керамички, турски, цевки за водовод кои ја носат вишокот вода под подот на црквата се до источниот ѕид со која била окружена.
Денес нема ни трага од тој ѕид , бидејќи камењата се употребени за градба на гробиштата. Веројатно и цевоводот е оштетен, па водата неконтролирано се слева во долот по карпите и се појавува веднаш спроти влезната порта на куќата на Касапови. Некои таа вода ја сметаат за света, лековита , па е направена мала каптажа со икона, на патот спроти куќата на Касапови.
За изворот зад црквата постои легенда според која е именуван како „Самовилска вода“. Од она што сум пишувал сега само накратко ќе споменам дека многу одамна до изворот било пронајдено тело на мртво детенце, единец на мајко и татко. Тоа не се вратило вечерта навреме дома откако со повеќе маалски другарчиња ја напасиле стоката на Вршник, каде имало сочна трева. Суеверието создало приказна дека самовили доаѓале на изворот на полноќ и тука играле. Кога го нашле детето, го земале во самовилското оро и му ја зеле душата. Тоа е легендата. Но, се раскажува дека таткото бил богат трговец и одлучил да му направи гроб на синот токму на местото каде било најдено. Гробот бил со мермерна плоча и крст од мермер. Местото било осветено, па се пренела вест дека водата лекува и по некое време е изградено манастирче и конак, каде доаѓале и преспивале жени кои немале пород.
Кога Дамјанов одлучил да ја гради црквата било договорено се` што се наоѓа на местото да не се отстранува, мислам на мермерните плочи, додека пак дрвјата кои морале да се исечат да се употребат во изградбата. Дури и камењата морале да останат на место.
И денес кога влегувам во црквата, честопати погледнувам на левата страна пред олтарот, помеѓу двата големи столбови. Таму постои плоча со натпис и неколку долги и потенки ишарани мермерни плочи кои несомнено му припаѓале на некој мал гроб. Дали можеби приказната е вистинита? Не можам да кажам со сигурност, а моите настојувања да одгатнам нешто од натписот досега се неуспешни. Но сепак, никогаш не газам на оваа плоча.
Фотографија од 1902 година
Интересно е кажувањето дека извесен период црквата имала дрвен под. Тоа го потврдува фотографија на француски фотограф кој во 1902 година ја фотографирал внатрешноста на црквата. Според кажувања дрвениот под бил изваден по една многу студена зима затоа што на голем верски празник подмрзнал и на него попадија се излизгала, паднала и ја скршила ногата.
Сум слушал и забележувал и други приказни за тоа дека црквата крие повеќе тајни. Некои велеа дека под подот постоела просторија во која биле криени реликвии, злато и слично. Се споменува и дека поглед на светец од икона, на иконостасот, точно е вперен во местото каде било закопано богатството! Да ја напишам и приказната во која се вели дека на средината на подот на црквата, на местото каде на празникот „Распетие“ се поставува крстот на кој е распнат Исус се наоѓа камен круг во вид на француска розета, еден од масонските симболи на Дамјанов со асоцијација дека наводно тоа е местото на тајниот влез. Не можам да верувам во вакви приказни.
Кога се спомнува токму ова место јас ќе напишам дека сигурно е доколку застанете на него ќе го слушнете најубавиот звук од гласот на свештеник кој држи литургија, пее хор или свири инструмент во внатрешноста на црквата. Независно кон која страна на градбата да сте завртени, звукот е со иста јачина, избалансиран и извонреден. Акустиката на црквата е најголемото богатство кое Дамјанов ни го оставил.
Треба да му бидеме вечно благодарни за преубавото здание кое го краси Велес. Треба да го чуваме и почитуваме овој храм, а приказните нека си останат приказни.
Пишува: Љупчо Данов