Вечер со поезијата на академик Катица Ќулафкова во велешки театар
Поголема афирмација и промоцијата на поезијата како род што во последно време е се помалку застапен не само на сцените, на сценскоизведбените уметности туку и воопшто во јавноста го поттикна велешки театар еднаш месечно да организира вечер на поезијата на роднокрајни поети.
– Сметаме дека тоа ќе биде нашиот придонес кон поетскиот збор, особено кон поезијата и сатирата кои потекнуваат од нашиот роден град Велес. Циклусот ќе започне во среда, на 22 ноември, со вечер посветена на поезијата на академик Катица Ќулафкова кога избор од поезијата ќе читаат актерите Слободанка Чичевска, Младен Крстевски и Васил Зафирчев, рече уметничкиот директор на театар „Јордан ХК Џинот Васил Зафирчев.
Станува збор за идеја на директорот на театарот Младен Крстевски.
– Одлучивме овој месец вечерта да и ја посветиме на академик Катица Ќулафкова со што всушност и освојуваме нов дел од просторот на театарската зграда во која на големата и малата сцена се играат театарските претстави додека во фоајето ќе се слуша поезија на роднокрајни велешки поети. Немаме друга цел освен освен целосна отвореност на велешкиот театар за љубителите на уметноста. Веќе наредниот месец, значи во декември, ќе ја организираме вечерта со поезијата на Ристо Јачев додека во месец јануари, вгодина, ќе се одржи вечер со поезијата на Павлина Климкар Меанџиева. Оваа уметничка целина треба да понуди микс од помлади и повозрасни поети па така нареден ќе треба да биде поетот Игор Крајчев кому исто така ќе му посветиме една вечер. Да не ги заборавам Македонка Јанчевска потоа починатиот Тихо Најдовски и други, рече Крстевски.
Вечерта со поезијата на академик Катица Ќулафкова во велешки Театар ќе започне во 20 часот и на неа лично ќе присуствува авторката. За љубителите на поезијата влезот е слободен/У.Ј