Промотивен настап на “Безопасни“, нов рок бенд на кавадаречката сцена
“Безопасни“ се Виктор Кимов, гитара/вокал, Дејан Митрев, бас гитара/вокал и Манче Мешков, тапани/вокал. Тоа се стари добро познати имиња на кавадаречката и македонската рок сцена. Љубителите на овој музички жанр ги препознаваат по долгогодишната „добра свирка“ во најдобрите кавадаречки рок бендови, како и по неколкуте издадени албуми поединечно, со други бендови, но и повеќе настапи на врвни балкански рок фестивали.
Не само чисто претставување на членовите на бендот, не само претставување на нивната музика, туку целовечерна свирка со авторскиот материјал кој во ист момент со промоцијата на бендот за првпат ќе биде одсвиран во живо пред љубителите на рок музиката. Секако како најава на бендот и нивните идни свирки, албуми и концерти.
“Безопасни се бенд кој e формиран и активно работи, со редовни проби и креирање авторска музика, од втората половина на 2019 година континуирано до денеска од страна на тројца “безопасни осуденици”, израснати со бендовски манири и алтернативна култура, секогаш авангарда, со субкултурата на маргинитете. Музиката е микс од повеке стилови, интересен контрапункт, прогресив и иновативен концепт и автентичен звук. Секоја песна има своја приказна, па и стилски е поразлична една од друга.“
Или што би рекле „Безопасни“ “Brainstorm & alternative, funk, postpunk, garage-junk, rock@rolla…“
Промоцијата на рок бендот ќе се одржи во четврток, на 12 март, со почеток од 21 часот во Клуб “Дорс“ Кавадарци./У.Ј