Изгоре старец на нива во атарот на селото Мартолци
Чадот од една нива што денеска се шири и јагленисаното дрво покажуваат дека таму во близина на селото Мартолци вчера околу 13 часот се случила трагедија во која животот го изгуби осумдесет годишниот Јован Андреевски. Тој од дома излегол околу 13 часот и се упатил кон необработуваната нива каде ја запалил тревата. Огнот потпомогнат од силниот ветер не му дале можност на старецот да избега кон блиската река. Пламените јазици го зафатиле. Старецот жив изгорел и немало кој да му помогне. Некој од соселаните го виделе оддалеку огнот но никој не претпоставил што таму се случува.
-Кога пиевме кафе со внуката и сопругот видовме дека нешто гори. Го прашавме сопругот што може да гори а тој ни одговори најверојатно стрниште. А да ти биде човек, да гори Јован. Утрово кога слушнавме се изненадивме. Стар човек и се познаваше дека не е здравствено добар. А беше добар човек, тој не се караше, мирен и скромен, рече неговата соседка Вера Петковска.
Дури околу 18.30 часот во СВР Велес било пријавено дека во нива во село Мартолци, велешко, починат и со изгореници на телото било пронајдено лицето Ј.А.(80) од истото село.
Смрт без траги на насилство констатирал лекар од Итната помош на ЈЗУ Здравствен дом во Велес.
Увид на нивата извршила увидна екипа од СВР Велес. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на семејството за погреб. /У.Ј