Коледарчињата ги посетија домовите на велешани
Изутринава, додека дождот за кратко престана да врне, неколку Коледарчиња ги посетија домовите на велешани. Предвесниците на раѓањето Христово влегоа во домовите на граѓаните во Дворови. Испеаја неколку коледарски песни и беа наградени со дарови. Во нивните коледарски торбички имаше колачиња, ореви, костени, бадеми, јаболка, сушено овошје. Коледарчињата највесели беа кога ја добиваа паричната награда од домаќините. Песните испеани од грлата на децата одѕвонија низ тесните и кривудести сокаци на маалото. Граѓаните ги отвараа влезните порти велејќи дека им влегува среќа во домовите. Внимателно ги слушаа и убаво ги наградуваа.
„Денот е убав иако годинава над градот натежнаа облаци и секој момент се очекува дожд да заврне. Сепак децата се благословени од Бога и еве ги ни дојдоа во домовите за да ни навестат дека еден ден не дели од најголемиот христијански празник, Божиќ,“ рече Нада.
Таа е меѓу најстарите домаќинки во маалото. Ни порача штом се испратат Коледарчињата треба да се започне подготовката на бадниковата трпеза. На неа секако треба да го има бадниковото лепче со паричка за среќа. Вечерва велешани на трпезата ќе имаат зелник со праз, посна сарма, пржена риба, леблебија, суво овошје, печена тиква. Салатата од стасана зелка со црвен пипер и испечени суви чушки од кои ќе направат толчениот пинџур во кој ќе стават истолчени ореви, неколку чешлиња лук, малку домата и ќе го прелеат со зовриено масло за јадење се исто така традиционални јадења.
Се ова треба да се приготви најдоцна до 19 часот бидејќи тогаш семејството седнува на трпезата. Кршењето на лепчето е најочекуваниот момент и неизвесен за сите затоа што секој очекува да го добие парчето од лебот во кое се наоѓа паричката. Најсреќниот ќе ги добие парите што претходно сите членови на семејството ги оставиле на трпезата./У.Ј