Филипче: Нема значително зголемен број на случаи на заболени од морбили, приоритетниот ќе се замени со итен упат што ќе има иста важност
Министерот за здравство Венко Филипче се надева дека епидемијата со морбили за краток временски период ќе заврши. Тој одговарајќи на новинарско прашање денеска од Велес рече дека дневно се евидентираат од пет до шест нови случаи на заболени на Инфективната клиника во Клиничкиот центар во Скопје од кои дел се задржувале а дел се пуштале на домашно лекување.
– Упативме апел и до останатите месни инфективни одделенија ако има случаи да бидат подготвени и да ги хоспитализираат заболените. За тоа зборувавме и со директорот на велешката болница. Нема некое изнедадување на значајно зголемен број на случаи. Тоа што сакам да го потенцирам е дека расне бројот на вакцинираните деца и воздрасни што е за поздравување и искрено се надевам дека тенденцијата и понатаму ќе продолжи, рече Филипче.
Прашан како деновиве ќе се третираат новите законски измени според кои нема да има приоритетен туку итен упат министерот одговори дека користењето на новите упати ќе бидат промовирани пред здравствените работници.
– За да не се создаде паника, тоа што не ќе има приоритетен упат не значи дека ќе нема упат што ќе им дава приоритет на тие пациенти туку се менува името и концептот на времетраење затоа што тоа беше причина што создаваше многу проблеми. Значи, итен упат ќе има со кој што пациентите ќе можат да добиваат итна здравствена услуга, рече Филипче./У.Ј