Изгоре старецот Миле во пожарот што ја проголта до темел куќата на Паунови, една од трите во комплексот „Варналиите“ во Велес

Објавено на 21 декември, 2019 во 10:40

VarnaliitePaunovi fin

Пламени јазици високи десеттина метри над покривот на куќата на Паунови, ноќеска, голтаа се што можеа од заштитената со закон трикатна градба изградена во 1886 година. Тие го проголтаа и сопственикот, осумдесет годишниот Миле Паунов. Куќата на Паунови е прва од десната страна на комплексот спомен куќи и се наоѓа на ќошот во сокак на улицата Јован Алабаков. Таа е со број 10 и е лепенка со куќата на семејството Манев со реден број 12, која исто така е заштитена и во голем дел изгорена. Оштетени се покривите на куќите на соседите Ристови, на Петрови и на Џајкови, од каде пожарникарите со водени шмркови го гаснеа пожарот.

Огнот избувнал околу 23 часот. Први го забележале соседите. Дејан Ристов во 23 часот и 12 минути го пријавил во Територијалната противпожарна единица во Велес.

DejanRistov fin

– Страотна беше глетката која ја видов кога татко ми ме дигна од постела и истрчавме надвор. Таму беа сите соседи кои можеле да излезат надвор од своите домови. Се обидовме да интервенираме сами со црева и вода од нашите домови додека пријавив во пожарна и чекавме да дојдат пожарникарите. Сите знаевме дека Миле е внатре и баравме чаре како на човекот да му помогнеме, ама немаше можност. Тој е старец и сам живееше. Не би можел да шпекулирам од што се запали куќата. Граѓаните кои живеат во крајните куќи на сокакот не успеаја да излезат, тие се внатре во нивните домови, рече Ристов.

Polakukagorendel fin

Varnaliitekukapozarnikari fin

Varnaliitespornagradba fin

Пожарникарите од велешката пожарна монтираа црева и ги поврзуваа со цистерните кои беа паркрани дури долу, на главната улица „Димитар Влахов“. Горе на плоштадката успеа да се качи само само една цистерна. Но и таа не можеше да се доближи до сокакот. Два столба од објект во изградба, што е стопиран, не дозволуваше цистерните да се доближат до куќата на Паунови, во густо населениот дел на месноста Варналиите .

Narod fin

На лице место беше Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Преку телефон бараше хеликоптерска помош прво од Минстерството за одбрана. Штом му соопштија дека не е возможно ноќе да се гаси од воздух помош побара од градоначалниците од соседните општини. Од Свети Николе, од Неготино, од Кавадарци стигнаа пожарникарски возила и пожарникари. Пред нив, први, штом дознале тргнале кон Велес пожарникарите од Скопје. Тимот стигна со три возила. Битката со огнот во куќата на Паунови продолжи. Пожарникарите гаснеа од покривите и терасите од околните куќи. Успеваа да го стивнат огнот и со млазови вода ги туркаа околните ѕидови да се урнат внатре, во самата куќа.

Kocevsk fin

-Штетите се големи. Жал ми е доколку има и човечка жртва, сеуште не е потврдено но соседите се сомневаат дека сопственикот е внатре. Тоа е недонаместливо. Во целата несреќа, среќна околност е што нема ветер. Ако дувне ветер тогаш ќе ги зафати и останатите куќи и ќе горат нагоре се до ридот а штетата ќе биде огромна. Куќата на Паунови, која гори, е прогласена за споменик на културата, заштитена е со закон и е неповратно загубена, рече градоначалникот Коцевски.

Тој додаде дека од грешките мора да се учи, особено градовите како што е Велес со старо градско јадро, и мора да се изградат хидрантни системи и да набават мали пожарникарски возила за да можат да се спровнат низ тесните сокаци и маала и да спречат вакви пожари за да нема човечки жртви.

KukaManevi fin

VarnaliiteKrimtehnika fin

KukaRistovi fin

Пожарот беше ставен под контрола и изгасен околу 2 часот по полноќ. Местото го обезбедуваа полицијата и дежурни пожарникари се до претпладнево. Таму Јавен обвинител и Увидна екипа на СВР Велес вршат увид. Последните информации се дека е лоцирано изгореното тело на Миле Паунов, сопственикот на куќата која изгоре. /У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.