Се чекаат резултатите од брисовите на првите 60 велешани кои биле во контакт со тројцата позитивни на „Ковид 19“ во Велес
На 60 велешани што имале контакти со тројцата сограѓани позитивни на Ковид 19, денеска по втор пат, им е земен брис од страна на вработени во Центарот за јавно здравје во Велес. И овие примероци се испратени на анализи во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје во Скопје.
Ако не стигнат до вечер тогаш утре велешкиот Центар за јавно здравје ги очекува резултатите од вчерашниот земен брис на шеесетмината велешани. Тие се констатирани како лица кои имале први контакти со тројцата позитивните велешани на „Ковид 19“. Исто така, во текот на утрешниот ден, по трет пат од нив ќе бидат земени примероци поточно брис и испратени на испитување.
Здравствената состојба на тројцата позитивни сограѓани ја следат инфектолозите на Инфективното одделение во велешка болница. Тие, како што дознаваме се добри. Освен мало покачување на температурата кај еден од нив во текот на вчерашниот ден други потешки симптоми немаат.
Според директорот на Центарот за јавно здравје во Велес, Тони Димитриевски, веќе е направена дезинфекција на работниот простор каде што се вработени двајцата позитивни на „Ковид 19“ во Велес. Станува збор за комплетна дезинфекција на два објекти. /У.Ј