Владата изготвува решение за барањето на мајките со бебиња, кои бараат за три месеци да им се продолжи породилното боледување, од 9 на 12 месеци
01.04.2020
Владата расправала и за барањето на мајките на кои им завршува породилното боледување во екот на епидемијата од коронавирус и не можат да ги запишат бебињата во градинките. Се изработува решението со кое ќе се дадат насоки како да се постапува, рече на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче. Меѓу мајките кои го упатија барањето има голем број на велешанки, светиниколки и кавадарчанки.
Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес конференција.Тој додаде дека веќе оствариле и работни состаноци со претставници на Фондот за здравствено осигурување. Дискутирал и Централниот штаб во рамките на Владата.
– Веднаш по изготвувањето на решението ќе го соопштиме на јавноста за да се знае како треба понатаму да се постапува, додаде министерот Филипче.
Ова барање потекнува од стотици мајки кои користат породилно боледување низ државата. Меѓу нив се и мајки од Велес, Свети Николе и Кавадарци кои вчера испратија допис и побараа актуелизирање на нивното барање. Дел од нив рекоа дека во услови кога се затворени градинките тие немаат каде да ги остават своите бебиња за да можат да тргнат на работа. Воедно потенцираа дека и се плашат да не пренесат инфекција од работа во домовите особено на нивните новороденчиња.
Барањето на овие мајки е за зголемување на породилното боледување од 9 на 12 месеци./У.Ј