Владата како излезно решение за велешка „Колска“ ја гледа трансформацијата преку јавно – приватно партнерство
16.10.2020
Репарирање и поправка на вкупно 100 вагони на Македонски железници треба до месец март да поминат низ рацете на вкупно 95 работници во Фабриката за шински возила „Колска“ во Велес. Договорот е склучен со „МЖ “- транспорт и гарантира дека работниците ќе земаат плата, ќе се плаќа здравствено и пензиско осигурување. Но, исплатите на платите во фабриката иако сега се редовни сепак не се исплаќаат за тековниот туку со задоцнување од 3,5 месеци. Работниците, мајстори – занаетчии се над 55 годишна возраст.
Во „Колска“ нема помлад работник. Фабриката што најмалку деценија ипол има сериозни проблеми со дефинирање на статусот е државна ама како да не е бидејќи не добива пари од буџетот на државата туку наплаќа по извршена работа од националното железничарско јавно претпријатие. Така се зависи од потребата на „МЖ“ – транспорт или „МЖ“ – инфраструктура. Второво наместо да ги ангажира вработените во „Колска“ работи со странска фирма, за услуги кои ги даваат и вработените во велешката фабрика за шински возила.
-Работа имаме и работиме. Епидемијата на коронавирус не погоди и неповолно се одрази како и кај големите фирми така и над нашата која е мала фабрика со мал број работници. Иако се трудиме максимално да ги испочитуваме роковите од договорите со МЖ транспорт добредојдена ќе беше работата и за инфраструктура. Морам да кажам дека токму поради состојбата со Ковид-19 стагнира договор со фирма од Косово. А тоа ќе овозможеше подобра материјална сигурност за сите вработени, рече директорот Мите Јанков.
Менаџерскиот тим се обидува на секој начин да ги плаќа редовно придонесите, особено за здравствено осигурување, за да им овозможи на работниците да ги користат услугите на јавното здравство. Со оглед на старосната возраст на вработените тоа е исто важно како и редовноста во исплатата на платата.
„Колска“ деновиве исплатила втора половина на плата за месец јуни, годинава што значи дека има стара, наследена, исплата на заостанати плати од претходните раководста, во пред 2017 година, за три месеци.
Премиерот Зоран Заев зборувајќи за трансформацијата на „Македонски пошти“ која покажала дека сама не може да се бори на пазарот ја спомна и велешка „Колска“ и како излезно решение го најави моделот на јавно – приватното партнерство. Тоа според Заев значи дека Владата ќе се обиде преку успешно менаџирање со фирми од Словенија, Австрија, Германија или Полска кои би биле заинтересирани за влез како во државната пошта така и во велешката фабрика за шински возила, во ТЕЦ „Неготино“, „Македонски Железници – Транспорт“ и „Еврокомпозит“. /У.Ј
