Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

sobranie fin

Општата расправа по Предлог-буџетот за 2020 година продолжува денеска во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Расправата почна вчера, а на седницата предлогот го образложи министерката за финансии Нина Ангеловска која го оцени како реален, што ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Според Ангеловска, планираните вкупните расходи се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, како и за поддршка на домашната економија, силна поддршка на приватниот сектор и граѓаните, инвестиции во човечките потенцијали, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, поттикнуваање странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, за обврските од членството во НАТО, за која намена е обезбеден досега највисокиот буџет од 10 милијарди денари за Министерството за одбрана, а обебзедени се пари и за парламентарни избори во 2020 година.

Како што потенцираше Ангеловска, Предлог буџетот за следната година е фокусиран на инвестиции во човечки капитал, ќе обезбеди поддршка на домашната економија, продолжување на инфраструктурните проекти, поттикнување нови инвестиции и работни места, зголемен доход за домаќинствата со раст на платите и пензиите….

Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,615 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи се за области врз кои се потпира човечкиот капитал. Буџетските проекции се врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП и дефицит од 2,3 отсто.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите 239,7 милијарди денари. Планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3 проценти од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.
Даночните приходи за 2020 година се планирани во износ од 130,1 милијарди денари. Најголемо учество во даночните приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8 проценти, додека на акцизите отпаѓаат 22,2 процента. За социјални придонеси се одвојуваат 67 милијарди денари.

Проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди денари, односно 2,3 проценти од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, која ќе допринесе за одговорно располагање со парите на граѓаните. Покрај за покривање на дефицитот, како што рече Ангеловска, ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари. Тие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар.

Предлог буџетот на државата за следната година за кој денеска стартуваше расправа во матичната собраниска комисија, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е нереален, неразвоен, само со социјална компонента и мерки кои се евтин предизборен популизам. Наспроти нивната оценка од парламентарното мнозинство оценија дека буџетската каса се заснова на реални проекти и ќе овозможи вложување во човечкиот капитал, поддршка на приватниот сектор, зголемување на потрошувачката со раст на платите и пензиите, реализација на инфраструктурни проекти.

За опозицијата ова е популистички и предизборен буџет со кој се потценуваат граѓаните се жртвува развојот на економијата и на државата.

Граѓаните, според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановска, може да очекуваат реализација на само пет проценти од вкупните расходи за капитални инвестиции.

За нејзиниот сопартиец Илија Димовски, целосно е неприфатлива тезата дека буџетот е насочен кон инвстиции во човечки капитал затоа што, како што оцени, тоа подразбира вложување во знаење, а не давање дополнителни пари.
Панче Иванов од владејачката СДСМ оцени дека Предлог буџетот заслужува поддршка поради реалноста на проекции што се содржани во него, како и поради фокусот за вложување во човечки капитал.

-Реално остварлив буџет во согласност со проекциите и на домашната и на меѓународната јавност, како и во согласност со проекциите на НБРМ. Приходите и расходите се согласно растот на нашата економија, буџетските приходи се коректно проектирани, а расходните на начин да ја одразат намерата за инвестиции, пред се, во човечки капитал што е одлична опција. Тие секогаш значат подобрување на животот на граѓаните но и тие повеќекратно се враќаат, посочи Иванов.

Според Реџаил Исмаили од ДУИ, реално е буџетот да биде фокусиран на човечкиот капитал во ситуација кога од цел Западен Балкан вклучително и од државава има постојано иселување на младите и на експертите.

Расправата по Предлог-буџетот во Комисијата согласно Деловникот трае 10 работни дена. Потоа оди на пленарна седница.

Поврзани вести

E baner

web banner 300x250 Sinalco Duma

banerknigovodstvo

Најново