(видео) Коруновски: Народен Музеј Велес во моментов нема ниту еден вработен кустос, под итно ни се потребни вработувања
Првиот отворен музеј во државата во моментов нема вработено ниту еден кустос. Доколку поголема група на граѓани или туристи сакаат да го посетат Народен Музеј Велес, Спомен куќите и Спомен Костурницата, потребно да се ангажираат кустоси коишто се веќе пензионирани. Директорот на институцијата, Ангел Коруновски, вели дека овој проблем со дефицит на кадар трае подолго време, иако постојано бараат да има нови вработувања во музејот, не добиваат согласност од страна на Министерство за култура.
Дума.мк за овој проблем пишуваше и претходната година во месец јули, кога во музејот имаше вработено вкупно седум лица, од кои само еден кустос кој годинава е веќе пензиониран. Сега институцијата е во полоша состојба, бидејќи има вкупно шест вработени лица или едно помалку од лани, кои извршуваат работни активности за 17 лица.
Под Народен Музеј Велес спаѓаат вкупно 11 објекти, воведени се и целодневни едукативни тури насловени како „Запознајте го Велес“ каде група на граѓани и туристи ги посетуваат сите објекти коишто самиот Народен Музеј ги поседува. За да се реализираат сите активности без проблем, за почеток потребно е да се вработат најмалку двајца кустоси.
Народен Музеј Велес работи секој ден, од понеделник до петок, влезницата чини 10 денари за деца и 20 денари за возрасни од објект.
Стефани Манева