ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува денешниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска.
Овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ПорталИкс и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката но и скршен микрофон од неговата опрема. Колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево.
ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.
Контакт точките, односно лицата во МВР и ОЈО се од голема важност во контекст на брза и ефективна комуникација со ЗНМ кога станува збор за повреда на право на новинар или медиумски работник и овозможува поголема институционална заштита.
Потсетуваме дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на санкционирање на напаѓачот, во овој случај извршителката Јакимовска.
ЗНМ за овој случај освен за кривична одговорност, ќе побара и дисциплинска мерка, согласно кодексот на професионалната етика на извршителите за одземање на лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Северна Македонија.
Дума.мк