Новинарот Фуркан Салиу доцна синоќа пуштен на слобода, низа реакции за неговото приведување
По приведувањето за време на инцидентот на вчерашниот фудбалски натпревар помеѓу ФК „БВК Коњаре“ и ФК „Куманово“, каде на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи, новинарот на порталот „Икс“, Фуркан Салиу доцна вчера вечер излезе од полициска станица.
Ви благодарам на сите за безрезервната поддршка што ми ја дадовте во врска со случајот на моето апсење од специјалните единици. Уште еднаш ве уверувам дека шпекулациите на МВР за наводен напад на полицаец од моја страна се целосно невистинити. Во наредните денови очекуваме да излезе целосната вистина за случајот, напиша Салиу на Фејсбук.
Претходно Салиу во објава на Фејсбук кажа дека не ја нападнал полицијата, иако можеби влијаел врз ескалацијата на целата ситуација. Салиу наведе дека полицијата ги избришала снимените материјали, откако биле одведени во полициската станица во Автокоманда.
Новинарот посочува дека без судски налог, како и без негова дозвола бил извршен претрес на автомобилот од страна на специјалната единица на МВР, при што бил пронајден пиштол, за кој Салиу вели поседува дозвола.
Пиштолот е со дозвола и пронајден во мојот автомобил. За време на моето апсење, телефонот и клучевите ми испаднаа од џебот и ги зеде снимателот. Без судски налог и без јас да бидам присутен како сопственик на автомобилот, беше претресен автомобилот од страна на специјалната единица. Делото за кое се товарам, напад врз полицаец, не држи вода и никогаш не може да се докаже, стои во Фејсбук објавата на Салиу.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека апсењето е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик.
Низа реакции за апсењето на новинарот Фуркан Салиу
Дел од политичките партии, владини функционери, како и претседателски кандидати, го осудија апсењето на новинарот Фуркан Салиу.
Употребата на сила против новинарите страшно потсетува на мрачните времиња од минатото кога немавме слобода и демократија и бевме заробена држава. Заплашување на новинари, злоупотреба на моќта и на институцијата МВР е недозволиво, напиша претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски на официјалната Фејсбук страница.
Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Во објава на својата Фејсбук страница, Маричиќ порача дека мора да ја чуваме слободата, бидејќи таа е неотуѓива правдина.
Денес е Фуркан, утре може да е било кој друг. Режим никогаш повеќе, вели Маричиќ.
Тој во неговата објава нагласува дека државава има доживеано преобразба од период на ограничувања до ера на слобода, истакнувајќи го подобрувањето на Северна Македонија во делот на слободата на медиумите и граѓанските права, во Глобалниот индекс на „Репортери без граници“.
Дали сме за заробена држава или држава во која се негуваат граѓанските и медиумските слободи и права? Нашата држава доживеа преобразба од период на ограничувања до ера на слобода. Во 2023 година, Северна Македонија се искачи на 38. место во Глобалниот индекс на „Репортери без граници“, покажувајќи значително подобрување во слободата на медиумите и граѓанските права, во споредба со мрачниот период на заробена држава (2013-2016), кога беше на 123 место, вели Маричиќ.
На апсењето на Салиу реагираше и претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи, кој ја осуди, како што кажа, акцијата против новинарот Фуркан Салиу и побара негово итно ослободување.
Слободата на говорот е наслов на секое демократско општество!, напиша Османи.
Со реакција излезе и претседателскиот кандидат од Коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, кој преку соопштение истакна дека акцијата за апсење на новинарот е извршена под сомнителни услови, додека ја извршувал неговата професија.
Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте Гласникот туку Веста, реагира Таравари.
Од Либерално демократската партија реагираат дека ваквото апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава.
Ваквото недостоинствено апсење на новинарот Фуркан Салиу е недозволиво во демократска држава. Ние како Либерал-демократи посочуваме дека новинарот Салиу ниту некогаш бил обвинет за тероризам, ниту претставувал каква било безбедносна закана за да сведочиме вакво радикално однесување од страна на полицијата, стои во соопштението на ЛДП.
ЗНМ побара Салиу да биде пуштен на слобода
ЗНМ и ССНМ апелираа случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно-политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.
Дума.мк