(Фото и видео) Заврши проектот „Центар за социјална инклузија – Заедно“ којшто овозможи дружење на лица со попречености, ученици и пензионери во Велес
Проектот „Центар за социјална инклузија – Заедно“, во изминатите 12 месеци, им овозможи на лица со попреченост да се дружат со пензионери од велешкото здружение и потоа со ученици од основно и средно образование. Исто така во реализацијата на проектот беа изведени вкупно 60 работилници. Лицата со попреченост и старите лица во Велес имаат потреба да другаруваат, рече на денешното затворање на проектот Далиборка Златева претседателка на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености.
На свеченоста којашто се одржа во Јуроп хаус во Велес, денеска, беше изложен поголем дел од материјалот што се создаде на ликовните, на грнчарските и на работилниците за учење на животни вештини.
Проектот доби целосна поддршка од Здружение на пензионери на Велес чиј претседател Веле Алексовски соопшти дека и понатаму ќе ги помагаат членовите на оваа граѓанска организација затоа што станува збор за внуци на велешки пензионери.
На завршниот настан лицата со попречености, учениците од ООУ „Кирил и Методиј“ и пензионерите се дружеа и заедно ги пробаа специјалитетите што за нив ги подготвија жените пензионерки.
Проектот „Центар за социјална инклузија – Заедно“ беше финансиски поддржан од УНДП и Европска Унија како и кофинансиран од Општина Велес од програмата „Релоад 2“.
Убавка Јаневска