Ќе се унапредува инклузивното образование во ОУ со ресурсен центар „Маца Овчарова“ со нови европски искуства

Објавено: 25 август, 2026, во 08:37 часот

Проектот „Инклузијата почнува од мене“ беше насочен кон унапредување на инклузивното образование и професионалниот развој на вработените во ОУ со ресурсен центар „Маца Овчарова“ од Велес.

Во рамките на проектот, вработените учествуваа во четири мобилности – две  обуки и две Job Shadowing активности, реализирани во Гент, во Тенерифе и во Стразбур. Преку обуките и посетите на образовни институции, учесниците се запознаа со современи пристапи за социјално-емоционално учење, работа во разновидна училница, диференцирана настава, практично и искуствено учење и поддршка на учениците со различни образовни потреби.

-Посебно значајно беше директното набљудување на практиките во училиштата и ресурсните центри во странство, каде како учесници имавме можност да размениме искуства со европски колеги и да видиме различни начини на организација на инклузивната поддршка, рече директорката Снежана Коџабашиева .

По завршувањето на мобилностите, стекнатите знаења се споделени преку теоретски и практични работилници со вработените во училиштето, со колеги од други училишта и со родители. Во рамките на дисеминацијата се презентираа конкретни методи и активности кои можат да се применат во секојдневната работа.

-Мобилностите ни овозможија да запознаеме нови пристапи и практики, но најважно е што стекнатото знаење можеме да го пренесеме во нашата средина и да го користиме за подобра поддршка на секој ученик. Проектот претставува уште еден чекор кон создавање поинклузивна, поддржувачка и пристапна образовна средина, како и кон споделување на европските искуства со пошироката образовна заедница, “ додаде Коџабашиева.

Проектот  е реализиран со финансиска поддршка од програмата Erasmus+ на Европската Унија.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.