(фото) Кавадарчанецот Ѓорѓи Мешков ги промовираше своите три книги пред велешката публика
Во домот на книгата, градската библиотека „Гоце Делечев“ денеска пред велешката публика беа промовирани трите книги на кавадарчанецот Ѓорѓи Мешков. Овие три книги коишто се напишани по вистински случувања на писателот, кај секој читател ќе предизвикаат измешани емоции. „Отуѓување“, потоа „Беше еднаш во Ваташа“ како и „Два аманета“ се насловите на книгите во кои Мешков одлучил да говори отворено за секојдневни проблеми, денови поминати во радост но и тие кои поминувале во тага и тишина.
Рецензиите на трите книги беа прочитани од членовите на клубот на писатели „Коста Солев Рацин“. Од три ученички читателите можеа да слушнат и извадоци кои ниту еден човек од публиката не го оставија рамнодушен.
Мешков е роден во село Ваташа каде завршил и основно образование и често пишувал раскази и текстови за своето родно место, па така се настанала и книгата „Беше еднаш во Ваташа“. За книгата „Два аманети“ авторот во емотивен говор пред публиката само накратко соопшти дека е посветена на неговата сестра Кате која прерано заминала од овој свет. Оваа книга е исполнета со убави моменти, настани, случувања и мили лица но и со моменти на губење, тага, разочарување и немоќ, приказна за нивната ластовичка.
Неговиот прв роман насловен „Отуѓување“ е инспирација од вистински настан кои се случува и се уште трае а темата е отуѓување на децата како појава и процес од другиот родител. Оваа книга авторот ја напишал по вистинска приказна на неговиот братучед којшто и денеска се бори со проблемот, нормално и без пречки да го гледа своето дете. За време на промоцијата беше присутен и тој кој накратко ја објасни својата животна приказна и борбата којашто се уште ја води како со неговата поранешна сопруга така и со носителите на функциите на државните институции и органи за социјална работа кои се законски обврзани и единствено надлежни за справување во вакви незаконски и крајно штетни процеси како што е отуѓувањето. Книгата наскоро ќе биде преведена на англиски и хрватски јазик.
-Наместо да ги попречуваат ваквите појави, дел од носителите на дејноста на овие институции, без никаква одговорност, или одвај реагираат, или реагираат несоодветно. Во некои случаи стануваат дури и соучесници со извршителите на ваквиот вид на злосторство, пишува во рецензијата на романот.
Инаку промоцијата беше збогатена и со настап на пеачката група при Здружение на пензионери, со музички точки од учениците од музичкото училиште во Велес како и со читање на афоризми од велешкиот афористичар Атанас Крлевски.
Стефани Манева