Исечени две дрвја од дрворедот во центарот на Велес, локалните институции тврдат дека биле исушени и претставувале опасност
Додека се поставуваат новите плочки на тротоарите на улица „8 Септември“, во центарот на Велес пред 10 дена беа иссечени и изнесени две листопадни дрвја од дрворедот стар 60 години. Двете дрвја беа засадени непосредно пред влезот во хотел „Интернационал“ или спроти плочникот пред Основен суд Велес. Сечењето и изнесувањето го изведоа работници на ЈКП „Дервен“, околу пладне, додека голем број на граѓани беа присутни во тој период од денот, на оваа локација во градот.
Дел од нив реагираа со прашање: Зошто се сечат дрвјата од стариот градско дрворед? Тие побараа да ги прашаме јавното комунално претпријатие и Општина Велес за причината на сечењето ха двете дрвја.
Од ЈКП „Дервен, истиот ден, на 24 Септември, одговорија дека постапувале по решение за сечење издадено од општината.
„Во врска со Вашето новинарско прашање за причината поради која беа исечени две дрвја на улица 8 Септември, Ве известуваме дека дрвјата се исечени поради тоа што беа исушени, и по добиено Решение од страна на Општина Велес за нивно отстранување,одговорија од јавното велешко комунално претпрјатие.
Одговорот на прашањата коишто Дума.мк ги испрати до Општина Велес стигна вчера. Оттаму пишуваат дека комисија за проценка на состојбата извршила увид и ги констатирале причините зошто биле исечени двете листопадни дрвја.
„Комисијата за процена на состојбата со оштетени дрвја на територија на Општина Велес, изврши увид по службена должност на состојбата со 2 (две) листопадни суви дрвја лоцирани на јавна површина во урбана средина на ул. 8-ми Септември, а бидејќи во тек се градежни активности од проектот “Паметни решенија – Велес”, истите се отстранија, со цел да се отстранат и кореновите системи, затоа што дрвјата беа суви и постоеше опасност да причинат човечки и материјални штети. За постапката (сечење на две листопадни суви дрвја) издадено е Решение со бр. 08-3651/2 од 23.09.2024 година. На едната локација ќе се изврши обновување, со тоа што ќе се засади нова садница, а на другата локација е предвидено поставување на автобуска постројка согласно Проектот “Паметни решенија – Велес”, односно се процени дека неопходно е да се остави простор кој ќе овозможи поставување на постројката согласно дефинирани прописи или мерки на растојание и дека неопходно е да се овозможи простор за граѓаните функционално да ја користат,“ пишува во одговорот.
Пред неполна деценија по притисок на граѓанските организации од општината беше побарано доколку се создаде потреба и таа прифати за секое исечено дрво да посади 10 нови дрвја во Велес. Дел од нив, кои ја создадоа „Зелената коалиција“ како демонстрација на отпор против загадувањето на Велес со тешки метали освен што реагираат исто така прашаа зошто при реконструкцијата на централното градско подрачје не се испланирани места за засадување на дрвја кои ќе го амортизираат загадувањето од издувните гасови на автомобилите кое сега е далеку по изразено во однос на претходното сообраќајно решение.
Убавка Јаневска