„Исправи се Делфина!“ – новинарки од локалните медиуми под канонада дискредитации (видео и фото)
Опомени пред тужби, тужби за клевети и навреди со барање на надомест на штета, вербални со сериозна опасност да преминат во физички напади, телефонски закани како и споделување на мислења на социјални мрежи со цел омаловажување преку „невистини“ за медиумски производи чии авторки се новинарки во локалните заедници во државата.
Вака локални моќници, заедно со обични граѓани, со бизнисмени или избрани функционери со нивни поддржувачи, се одмаздуваат по објавени приказни од јавен интерес од страна на млади или за истражувања на искусни новинарки во локалните медиуми низ земјата. Опоменатите, тужените, нападнатите или навредените авторки на медиумските производи скоро секојдневно пишуваат и објавуваат приказни за оштетени или обесправени граѓани во кои поттикнуваат поединци или институции на примена на право и правда. Но кога тие имаат ваква потреба, најчесто не добиваат поддршка од колегите додека граѓаните или молчат или си дозволуваат учество во јавниот линч.
Новинарката Анета Блажевска, дописничка од Битола неодамна беше осудена за клевета од Основниот суд во Битола поради текстови за злоупотреби во Средношколскиот дом во Битола. Иако битолски Основен суд донесе ваква пресуда сепак во неа не се прифатени сите барања на тужителката. Постапката по жалба сега ќе се води во повисокиот, Апелациски суд во Битола. Претходно, во 2014 година, за објавен текст Блажевска беше тужена од екс-градоначалникот Владимир Талески, случај кој новинарката во кривичниот прогон го доби.
Овојпат новинарката во граѓанска парница беше тужена од директорката на битолскиот средношколски дом „Мирка Гинова“ за одговорност, за клевета како и надомест за нематеријална штета во висина од 2.000 евра. Блажевска во новинарско истражување ги објавила сознанијата до коишто дошла, ги истражила и вели дека има докази обезбедени преку укажувачи, за злоупотреба на јавен интерес од страна на тужителката.
„Мене не ми е јасно зошто е ова судење за кое што мислам дека е апсолутно непотребно. За што да се бранам? За тоа што е докажано што правела директорката. Исто така јасно е дека и понатаму за неа ќе има судски постапки за злоупотребата на службената положба“, рече Блажевска за Пина.мк.
Серијата од објавени текстови на Блажевска охрабри група вработени во „Мирка Гинова“ да пријават психичко и физичко малтретирање од Спасеновска во Трудова инспекција. Инспекторите констатираа и мобинг за што Блажевска повторно пишуваше. Новинарката додаде дека покрај тоа што е стресно седнувањето на обвинителна клупа, исто така, се губи енергија и се што се случува се одразува на нејзиното семејство. Сепак судењето за неа е само поттик да не застане туку да продолжи да открива злоупотреби, особено поврзани со државни службеници.
„Ова е една вистина, а јас, новинарката, се чувствувам како чувар на вистината. Имам одговорност да им укажам на органите на прогонот дека се случува криминал во државни институции“, додаде Блажевска за Пина.мк.
Оваа новинарка, во исто време, биеше уште една битка за вистината со поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска. Сепак, министерката за истражувањата и објавените текстови на Блажевска, поврзани со имотната состојба, се жалеше само до Совет на честа на Здружение на новинари на Македонија.
ТУЖБИ ОД ПОЗИЦИЈА НА МОЌ
Новинарките во внатрешноста на државата имаат идентични ставови кога во прашање е нивната професионалност за која велат дека ги изложува на се поголем број на напади, на говор на омраза, на дискриминација и на дискредитација. Тие генерално не сметаат дека се исклучок од перцепцијата на јавноста кон жената воопшто, но затоа што се похрабри, умеат да изградат став, покрај обврската професионално да ги пренесат мислењата на изворите на информации, тогаш неизбежно е да станат „трн во око“ на локални моќници, па и на маргинализирани ликови кои се приврзаници на нечии идеологии или политики.
Случајот на новинарката Оливера Пешевска од порталот „Куманово њуз“ говори како бизнисмен си земал за право да упати закани кога од него бил побаран став за решение на граѓански комунален проблем.
„Имав непријатно искуство со бизнисмен кого не го познавав кога контактирав со него на телефон. Се изнаслушав на пцовки, навреди и закани. Индикативно беше тоа што веднаш штом се претставив и од кој медиум сум започна канонадата. Веројатно беше запознат со нашата работа, пишувавме серија на приказни за еден комунален проблем во Куманово, за којшто граѓаните постојано ни пишуваа, не известуваа, ни испраќаа фотографии со надеж дека ако проблемот го задржат во медиумски фокус побрзо ќе дојдат до соодветно решение“, рече Пешевска за Пина.мк.
Оваа новинарка откри дека заканите биле упатени лично кон неа затоа што бизнисменот ја предупредил да го запомни затоа што добро ќе и наштети.
„Ветуваше дека ќе ми наштети алудирајќи дека работам против локалната власт во Куманово, дека за тоа сум платена од некого со цел да ја дискредитирам нејзината работа. Во тој момент заканите ме вознемирија, не ми беше сеедно, но и до денешен ден чувствувам нелагодност кога ќе се сетам на разговорот“, додаде Пешевска за Пина.мк.
Новинарката откри дека случката е поврзана со почетокот на нејзината професионална кариера и призна дека во дадениот момент не се снашла соодветно затоа што не ја пријавила ни во полиција, нитуво еснафското здружение.
Слично почетно искуство има и новинарката Стефани Манева од порталот Дума.мк на која во Велес и се случи инспектор на увидна полициска екипа да и го одземе мобилниот телефон и да ги избрише фотографиите од сообраќајна несреќа на железничката пруга Велес – Гевгелија која минува во центарот на градот.
Во нејзиниот случај веднаш остварената комуникација преку електронска пошта со Министерството за внатрешни работи и разјаснувањето на ситуацијата дадоа резултати. Новинарката фотографираше повторно, од иста, соодветна далечина на местото на несреќата, МВР јавно се извини, а Крим инспекторот беше испитан од внатрешната контрола на МВР.
Закани, клевети и навреди постојано се присутни во новинарската професија тврди и младата новинарка Лаура Стојанова од регионалната телевизија „МНет“ со седиште во Штип.
Покривајќи поголема територија од источниот дел на државата Стојанова многу тешко можеше да издвои само два случаи кога директно се соочила со заканувачи. Првиот кога била предмет на вербален напад во којшто секунди ја делеле од ќотек од незадоволен граѓанин за објавена приказна на незадоволна мајка од вистината што во телевизиска емисија на друг медиум ја соопштила родената ќерка и втор пат кога засегната државна институција и упатила закани за одмазда не само кон новинарката туку и кон членовите на нејзиното семејство.
ЛОКАЛНОТО НОВИНАРСТВО УМИРА А НОВИНАРКИТЕ СТАНУВААТ ЕНДЕМСКИ ВИД
Сузана Мицева којашто сега е речиси единствена новинарка што работи за национален медиум известувајќи од територија со 200.000 граѓани. Долгогодишната работа во југоисточниот дел на Македонија со право и дава можност да констатира дека во услови кога локалното новинарство тивко умира тогаш доведен во прашање е и опстанокот на новинарките. Ниту Мицева не е заобиколена од обид да биде професионално дискредитирана како новинарка на локалната телевизија „Вис“ и дописничка на ТВ Телма. Нејзиниот случај е поврзан со статус напишан од службеник на засегната локална институција на Фејсбук.
„Јас имав една таква ситуација пред неколку години кога известував за еколошки теми и упорно барав информации од една општина и нејзината канцеларија за односи со јавност, но службеникот со којшто лично се познавав или ми даваше половични одговори или воопшто не ми одговараше на прашањата. Во еден момент незадоволни од телевизиската приказна објавена на медиумот за којшто работев се најдов јавно повикана со статус на Фејсбук напишан од лицето за односи со јавност на таа општина. Се почувствував погодена и навредена“, рече Мицева за Пина.мк.
Имајќи предвид дека на социјалните мрежи лесно се „лепат“ негативни коментари особено за прозивка на новинарската работа од страна на поддржувачи на градоначалник или пријатели, Мицева за да се заштити одговорила на прозивките.
„Водена од инстинктот дека треба да се заштитам како професионалец, не само како жена, којашто не треба јавно да биде линчувана за професионално подготвениот медиумски производ, одговорив јавно дека ќе поведам правна постапка за напишаниот статус. Човекот најверојатно стана свесен за направената грешка и јавно ми се извини. Напиша дека никогаш немало непрофесионален однос од моја страна што сметам дека по брза постапка го реши проблемот кој го создаде и придонесе ако не на долг, тогаш на краток рок да се спречи нарушување на мојот професионален интегритет, како и амортизирање на стресот што го преживеав бидејќи не стануваше збор за пропуст или неетичко однесување од моја страна“, додаде Мицева за Пина.мк.
Во професионалната работа новинарките, особено младите, треба да ја востановат добрата практика на зачувување на напишани мејлови, пораки во мобилните телефони, принт скринови, видео снимки. Тоа се факти што се користат во одбрана на личниот и професионален интегритет, како и докази за потврда на вистината при неочекуван напад.
ПРИЈАВУВАЊЕТО ОСНОВ НА БОРБА ПРОТИВ НАПАДИТЕ
Праксата и статистиката на адвокатскиот тим на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) кој ги брани новинарките во граѓански или кривични постапки покажа дека во внатрешноста на државата тие се соочуваат со сериозни напади независно дали се во реалниот или виртуелен простор. Половина од пријавените се онлајн и родово базирани напади во професијата што значи дека новинарките се почесто жртви во споредба на колегите новинари.
„Меѓутоа загрижува фактот дека новинарките од внатрешноста помалку се охрабруваат да ги пријавуваат нападите, независно дали во ЗНМ или во локалните органи на прогон како полиција и обвинителство во споредба со колешките во Скопје. Мора да се работи на поттикнување на свеста на новинарките, да се охрабрат да ги пријавуваат без разлика дали се во онлајн или оффлајн просторот бидејќи станува збор за одбрана, за сопствена безбедност. Од сите, но особено од јавни функционери или личности, бизнисмени или локални моќници и да бараат помош“, рече адвокат Иван Брешковски за Пина.мк, кој е дел од адвокатскиот тим на ЗНМ.
Македонија бележи континуиран пад на процентот на одржливи медиуми во локалните заедници. Мал е бројот на ентузијастки во нив кои во одбрана на професијата вложуваат натчовечки напори, а дел и се храбрат со мотивот од култното филмско остварување „Исправи се Делфина“ кога треба да ги пребродат разните видови и методи на притисок. Тие се жени. Во приказнава се само неколку од нив. Сите ја докажуваат вистината, низ секојдневната или во истражувачката работа за што значајна им е самопомошта што можат да си ја дадат една на друга. Тоа досега се покажа ефикасно во примерите кога на јавен линч беа изложени колешки чија професионална работа во микро средините не беше секогаш разбрана од засегнатите страни.
Авторка: Убавка Јаневска
Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА