Велешкиот театар со претставата „Госпоѓа министерка“ ќе гостува во Кавадарци
Објавено: 18 ноември, 2025, во 11:38 часот
Велешкиот Театар „Јордан Хаџи Констанитов – Џинот“ ја носи својата хит-претстава „Госпоѓа министерка“ во Кавадарци, каде што интересот е подеднакво голем како и на велешката сцена. Во рамките на манифестацијата „Месец на Театарот 2025“, кавадаречката публика ќе има можност да ужива во актуелната и многу барана продукција оваа сабота, на 22 ноември, со почеток од 19 часот во Дом на култура „Иван Мазов – Климе“.
Претставата, работена по вонвременскиот текст на Бранислав Нушиќ, е поставена во режија на Синиша Ефтимов, кој ја пренесува приказната во денешното време, задржувајќи ги хуморот, сатиричната острина и препознатливите човечки слабости што Нушиќ ги отвора пред публиката.
Во актерската екипа настапуваат: Зорица П. Панчиќ, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Сандра Танчeва, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Стефан Николовски, Кире Ацевски и Филип Христовски. Публиката ќе препознае ликови и ситуации кои, иако создадени пред еден век и денес изгледаат како да се земени од нашето секојдневие.
Влезниците по цена од 200 денари може да се резервираат исклучиво со СМС-порака на телефонскиот број 075-347-370. Во пораката треба да се наведе датумот, името на претставата, вашето име и презиме како и бројот на билети. Доколку резервацијата е прифатена, ќе биде испратена повратна СМС-порака.
Билети може да се купат и директно во Домот на култура секој работен ден од 9 до 15 часот. Резервираните билети се подигаат најдоцна половина час пред претставата, по што нерезервираните места се пуштаат во слободна продажба. Останатите билети ќе биде достапен на билетарницата два часа пред почетокот.
Стефани Манева


