АМСМ: Внимателно возење на делницата катланово – Велес поради можни одрони

Објавено: 21 ноември, 2025, во 09:42 часот

Поради можни одрони внимателно возење на делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево, препорачува АМСМ.

Според извештајот на АМСМ, од ноќеска по 03:30 часот до 07:05 часот непрооден беше дел од патниот правец Охрид-Свети Наум, во близина на стовариште „Митко“, каде на десната коловозна лента во правец на Охрид, имаше околу 100 метри вода длабока до 30 сантиметри. Сообраќајот се пренасочуваше по левата коловозна лента, а за проблемот беше известено Јавното претпријатие Македонија пат. Утрово во 07:05 чaсот сообраќајот на регионалниот пат Охрид–Св. Наум е пуштен по двете коловозни ленти.

Сообраќајот на другите државни патишта се одвива непречено, по влажни коловози.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Исто така, АМСМ известува за одрони на патот Делчево – Македонска Каменица. Според информации од возачи, поголеми одрони се забележани по селото Очипала, во близина на месноста Баткова Чешма, каде на патот има поголемо количество земја и камења.

Поситни одрони има на повеќе делници долж овој патен правец, поради што сообраќајот се одвива отежнато и со зголемено внимание. Колската површина е влажна, а видливоста намалена, што дополнително го отежнува возењето.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Се потсетуваат возачите дека од 15 ноември започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.