Советниците на СДСМ бараат зголемување на три субвенции за деца и воведување на нова, за чистење на оџаци од Совет на Општина Велес (Видео)
Објавено: 27 ноември, 2025, во 17:09 часот
Четири амандмани денеска поднела советничката група на СДСМ во Совет на Општина Велес со кои очекуваат на утрешната, четврта седница, расправа и зголемување на висината на субвенции кои се исплаќаат како три помошти наменети за деца од Програмата за социјална заштита, вели во изјава за медиумите советничката Мирјана Петрушевска Савова.
Советничката Петрушевска Савова, додаде дека станува збор за зголемување на висината на сумата за трите еднократни парични помошти, за новороденче од 3.000 на 6.000 денари, за талентирани ученици од 6.000 на 9.000 денари и за првачиња кои се деца без родители од 3.000 на 6.000 денари.
Четвртиот поднесен амандман на советничката група на СДСМ е нов и со него се бара Совет на Општина Велес да востанови годишна субвенција за чистење на оџаци како помош на граѓаните кои ги затоплуваат домовите со цврст огрев (дрва, палети, пелети). Според Петрушевска Савова амандманот се однесува на предвидување нова ставка, со вкупна сума од 500.000 денари, во подпрограма на Програмата за заштита на животна средина и да се утврди висината на годишниот износ.
Советот на Општина Велес, утре, петок 28 ноември, ќе ја одржи четвртата седница на чии дневен ред се наоѓаат вкупно 17 Програми за работа во 2026 година.
Убавка Јаневска


