Возилото марка „Ford Model T“ и автомобилите на „Застава“ од Крагуевац најинтересни за посетителите на изложбата на олдтајмери во Велес
Објавено: 11 октомври, 2026, во 14:05 часот
Возило марка „Ford Model Т“ произведено во 1923 година се чини дека го привлече најголемото внимание на посетителите на изложбата на олдтајмери во Велес. Тоа беше едно од најфотографираните возила. За тоа придонесе и приказната во која беше потенцирано дека вакво возило може да се види во кратките неми филмови со Чарли Чаплин, снимени на градските улици, во американските градови.
Сопственик на ова возилото е битолчанецот Драганчо Богевски-Попето кој сподели информации дека го донел од Америка и е во исправна и автентична состојба. Возилото е во кабриолетна верзија со карактеристични дрвени бандажи и специфичен систем со педали. Овој автомобил развива брзина до 45 километри на час.

Исто така интересот на повозрасните граѓани, кои ја посетија изложбата на олдтајмери, го привлекоа возилата изработени и возени масовно во поранешна Југославија како што беа „Застава 101“ и „Застава 750“ , произведени во фабриката „Застава“ во Крагуевац, Србија.
Вкупниот број на олдтајмери кои вчера беа претставени на изложбата во Велес изнесуваше 70- тина. За сите беше речено дека се во исправна возна состојба иако потекнуваат од средината на 20 век и некоја година подоцна.

Нивни сопственици се љубители од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина кои во Велес ги донесоа моделите на „опел“ „цитроен буба“ „рено“ и други видови.

Изложбата беше дел од вториот ден на манифестацијата „Велешка питијада“.
Убавка Јаневска


