Велес има банка од 1921 година
Со одлука на Министерството за трговија и индустрија на Владата на Кралството на СХС, во Велес во 1921 година е отворена првата приватна банка во Македонија под името Велешка банка. Оснивачкиот капитал на приватната банка бил 1.000.000 динари. Најголеми инвеститори биле сопственикот на фабриката за масло Ѓошо Органџиев, Мустафа Усеин и браќата Урумови, но имало и странски инвеститори, претежно со француски капитал.
Фотографијата со акцијата од 100 динари во сребро на доносителот, со талони за дивиденда, ја има велешкиот истражувач Љупчо Данов. Нему му ја подарил неговиот близок пријател Горан, кој има дуќан на градското пазариште.
На Акцијата, на предната страна, се наоѓа една прекрасна гравура на Велес. На позадината на акцијата пак, стои грбот на банката на кој има сидро и капа со крилца, што всушност е доказ за постоењето на францускиот капитал. Интересно за првата приватна банка во Велес, која успешно работела од 1922 до 1940 година, е што и во тоа време покажувала интерес за најмладите штедачи.
Велешка банка на децата штедачи им подарувала метални касички. Една од нив , произведена во Чехословачка, е овековечена на фотографијата подолу.
Според Данов, во еден период од работата на„Велешка банка“ банка преокупација на акционерите била да инвестираат во реализацијата на проектот „Пловен Вардар од Велес до Солун„ со оглед дека тогаш трговијата со Солун многу успешно се водела по воден пат со помош на гемиите.
Станува збор за втората половина на 19-тиот и почетокот на 20-век кога Велес бил еден од најразвиените градови во тогашна Вардарска бановина. Занаетчиството и трговијата биле високоразвиени стопански гранки и заедно со земјоделието високо го рангирале градот во редот на развиените стопански центри во тогашна Македонија. Велешките трговци биле водечки во трговијата со кожи, жито и житни култури, грнчарски производи, како и занаетчиски производи со широк асортиман. Стопанската експанзија на Велес резултирала со богатење на извесен број на велешки фамилии.
Исто така по примерот за успешното работење на приватната банка на Ѓошо Органџија во1925 година во Велес била отворена втора банка со име „Јужната Банка“ . Нејзин управител бил Теодор Хаџи Алексов. Подоцна него го наследил неговиот син Аџи Џорко, кој раководел со банката до 1940 година, кога таа престанала да работи.
Стоилко Андреевски