Османи ја започнува европската турнеја во Берлин, следните денови ќе ги посети и Копенхаген и Стокхолм
Шефот на дипломатијата Бујар Османи со денешната посета на Германија ја почнува турнејата во неколку значајни европски метрополи. Освен Берлин, Османи ќе ги посети и Копенхаген и Стокхолм, како дел од пошироката дипломатска активност за актуелизација на европското досие на земјава пред земјите членки на ЕУ.
Османи денеска е во посета на Германија на средби со Mинистерот за надворешни работи, Хајко Мас, како и со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот. Во рамките на оваа посета, Османи ќе оствари средби и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Ангела Меркел, како и со повеќе претставници на политичките групации и комисии во рамките на посетата на германскиот Бундестаг.
Од Берлин Османи утре заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.
Дипломатската турнеја на Османи продолжува со работната посета на Стокхолм, вo среда, каде ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.
Во Стокхолм е предвидено Османи да го посети и шведскиот Парламент – Риксдаг, каде ќе оствари средби со потпретседателките Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на министерот во рамките на посетата на Шведска се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на премиерот Стефан Ловен, како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.
Дипломатската турнеја на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Северна Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите ќе биде европското досие на земјава, и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.