Велосипедските станици една година стојат празни
Расте бројот на граѓани во градот Велес кој сe’ почесто го користат велосипедот како превозно средство, тврдат од здруженнието на граѓани „Велес Бајкинг“. Но, низ градските улици па дури и во споредните којшто водат кон високите делови на градот, се почесто се забележуваат граѓани кои возат мопеди и моторцикли. Причината за ваквата слика е желбата да се стигне што побрзо на одреденото место и покрај тоа што овие превозни средства го загадуваат воздухот и животната средина.
-Понекогаш ги разбирам младите зошто се возат со мопеди, бидејќи сакаат што побрзо да се транспортираат од едно на друго место. Од друга страна во прашање е и економскиот аспект но и тоа што мислат дека велосипедот е потешно средство за превоз, особено со ваква конфигурација на градот. Верувам дека повеќето од нив доколку почнат да возат велосипед би се предомислиле. Од друга страна реално е дека возењето велосипед низ градските улици не е безбедно порати тоа што другите превозни средства ги узурпираат сообраќајниците па дури и тротоарите, рече Зоран Јаневски, претседател на ЗГ „Велес Бајкинг“.
Според истражувањата коишто пред две години ги направиле од здружението на граѓани „Велес Бајкинг“, од 0.5 проценти до 0.8 проценти од велешани го користат велосипедот како превозно средство. Во последните две години со помош на субвенциите што ги доделува Општина Велес, се купени 160 нови велосипеди. Вкупно во градот има од 1000 до 1500 велосипедисти, со нови или половни велосипеди, од кои половината од нив редовно ги користат додека другите ги чуваат во своите гаражи или подруми. Тоа го потврдува и фактот што велосипедските станици поставени на 14 места во градот, речиси секогаш остануваат празни. Сепак најголем проблем е недостигот на велосипедски патеки, тоа е всушност и најголемата причина зошто граѓаните не го користат велосипедот како превозно средство.
-И велосипедистите треба да се однесуваат одговорно во сообраќајот, бидејќи и тие се дел од него и на тој начин ќе им дадат пример и на другите учесници. Потребно е да постои општа култура и взаемно почитување помеѓу сите чинители на сообраќајот. Верувам во најскоро време ќе се направи велосипедска патека и до Езеро Младост и до река Бабуна, со цел да се обезбеди максимална безбедност, додаде Јаневски.
И покрај тоа што не постојат велосипедски патеки од здружението апелираат велешани да не се размислуваат и да го користат велосипедот како превозно средство, без разлика во кој дел од градот живеат.
Стефани Манева