Преговорите заглавија на половина – ќе се фати ли рокот ?

Објавено на 5 октомври, 2015 во 12:26

Иако утре на полноќ истекува рокот до кој власта и опозицијата треба да ги усогласат своите ставови во врска со изборната регулатива, сепак до овој момент се уште нема договор за најголем дел од спорните точки, пишува Плусинфо.

Откако ВМРО-ДПМНЕ вчера ја напуштила работната група и потоа не се вратиле, неизвесно е дали денеска ќе има нова средба.

Како што брифираат извори од преговарачкиот процес, ниту едно од важните прашања, како гласање на дијаспората, прочистување на избирачкиот список, надлежности на ДИК, не е затворено, а има прашања како финансирање на кампањите на политичките партии и нивното медиумско претставување, за кои уште не е ниту отворена дискусија на работната група.

СДСМ во однос на гласањето за дијаспората предлагаат да се задржи правото на глас на иселениците, со тоа што за некој да биде избран за пратеник од дијаспората да освои 85 до 90 отсто од просечниот број на гласови со кои што се станува пратеник во Република Македонија. Во денешни услови тоа би било околу 6.300 гласови.

Опозицијата бара да се воспостави министерство за дијаспора, кое би се формирало после парламентарните избори.Овие нивни предлози произлегуваат од барањата на иселенички организации.

СДСМ на работната група бара и да се зголеми процентот за рамноправно учество на двата пола, со што жените би биле застапени 40 отсто.

Нејасно е како ќе се успее до утре да се расчистат сите овие прашања за на крајот да се добие финалниот документ на новиот изборен законик.

Во текот на денешниот ден течат средбите на питер Ван Хојте со претставниците на политичките партии.

Извор: Плусинфо

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.