ДВ: Преговори зад сцената ќе ги одложат оставките во парламентот?

Објавено на 18 јуни, 2014 во 07:41

По искуството со европското посредништвото во расчистувањето на „црниот понеделник“, неофицијално, Брисел повторно помага во враќањето на дијалогот и на опозицијата во парламентот, јави Дојче веле.

Петер Ванхоуте, белгискиот експерт кој на предлог на ЕУ учествуваше како медијатор во ад-хок Комисијата за расветлување на настаните од Собранието на 24 декември 2012. година, повторно е ангажиран во Скопје, дознава неофицијално Дојче веле од дипломатски избори. Овој експерт за независност и јакнење на парламентот како институција, веќе „одреден период“ водел разговори со раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се воспостави дијалог и да се надминат пречките за враќање на опозицијата во Собранието. Според истите извори, засега немало директни разговори Заев – Груевски, туку само одвоени средби на партиските лидери со европскиот посредник.

Токму меѓународниот притисок, пред се‘ од ЕУ, за враќање на политичкиот дијалог и на опозицијата во парламентот, според овие извори, е и причината за пресвртот во изјавите на премиерот Груевски. Тој неодамна изјави дека веднаш по констатирањето на оставките на опозициските пратеници ќе се распишат дополнителни избори за испразнетите места во Собранието, а веќе минатиот викенд и‘ подаде рака на опозицијата за враќање во парламентот.

„Јас сум подготвен да им помогнам да излезат од оваа каша. Јас сум подготвен да им понудам пакет кој ќе ги адресира сите нивни грижи. Јас подавам рака. Нивно е дали ќе ја прифатат. Македонија мора да оди напрад, а СДСМ да се однесува одговорно“, им порача премиерот на социјалдемократите од годишнината на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

поред дипломатски извори, се прават напори, Собранието да профункционира со целиот персонален капацитет за кој се изјасниле гласачите, а по таквиот епилог никој да не се чувствува поразен или победен.

Одложување на оставките?

Имајќи ги предвид ваквите активности, воопшто не е сигурно дека на денешната собраниска седница, меѓу другото, ќе бидат констатирани оставките на пратеничките функции на 33 избрани пратеници од коалицијата предводена од СДСМ, како што претходно беше најавено. Иако пратениците беа известени за оваа точка на седницата, таа официјално не е ставена на дневниот ред, што според службите во Собранието, не е пречка таа и дополнително да биде утврдена на самата седница. Но, според извори во владејчката коалиција, денеска треба да се стори се‘, за таа точка да биде „на некаков начин одложена“.

„Доколку и биде утврдена како точка во дневниот ред, според договорот кој претходно треба да биде усогласен меѓу координаторите на пратеничките групи, се планира да биде побарано констатирањето на оставките на опозициските пратеници да се реализира со нивно лично присуство во парламентот, во согласност со уставните одредби. На фактот, дека Собранието веќе ја прифатило оставката на Руфи Османи во писмена форма, без да мора тој лично да ја образложи во парламентот, ќе биде спротивставен аргументот дека тоа во тој случај се работело само за еден пратенички мандат од НДП. Во вториов случај, пак, станува збор за масовна појава на оставки, вкупо 33, па поради последиците кои тие би можеле да ги предизвикаат за институционалната и политичка стабилност на земјата, се размислува да му се предложи на парламентот да донесе заклучок, според кој, пратениците мора да дојдат и лично да ги поднесат оставките“, објаснува извор од владејачката коалиција.

Со тоа, целта е денешното констатирање на оставките да биде одложено, за да се добие време за преговори за враќање на опозицијата во парламентот, односно за реализирање на „пакетот“ што викендов го најави премиерот Груевски.

Ако парламентот денеска не ги констатира пратеничките оставки, таква статус-кво ситуација би можела да трае максимум до почетокот на ноември, кога истекува повеќе од половина година од 10-ти мај, кога беа верификувани мандатите на опозициските пратеници и покрај нивните изјави дека не ги прифаќаат. Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци, за што се одлучува со двотретинско мнозинство во парламентот. Поради ваквите рокови, намерата е многу порано да се најде решение за враќање на опозицијата во парламентот, но најдоцна до крајот на септември.

Текстот во целост прочитај го тука.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.