Уште два дена рок за земјоделците кои ќе конкурираат на програмата за рурален развој
Земјоделците од Велес, Градско и Чашка имаат уште два дена за да ги соберат потребните документи и да го искористат рокот рокот за аплицирање во платежната агенција за добивање средства од програмата за рурален развој. Досега во работната единица на агенцијата за развој конкурирале 45 земјоделци. Но оттаму сметаат дека интересот бил поголем.
– Сакам да потенцирам дека институциите кои издаваат документи за деловни планови со кои земјоделците треба да аплицираат да најдат начин побрзо и поедноставно да ги услужуваат, за да можат тие навреме да аплицираат и да го искористат рокот, рече раководителот Тони Тасков.
Од програмата за рурален развој земјоделците најчесто добиваат пари за приклучна и погонска механизација, за посадување на житни култури и тутун. Тие прво ја купуваат механизацијата па подготвуваат документи и потоа кога ке ја поминат процедурата си повраќаат до 50 отсто од вложените сретства.
Иста е и постапката од ИПАРД програмата. За сега нив им е најатрактивна мерката 101, со која тие можат да набават земјоделска механизација во областа на лозарството, овоштарството, градинарството и пластениците. Половина од парите за купената механизација им ги враќа Европската унија.
– Ако ние искористиме повеќе средства од ИПАРД програмата на ЕУ на тој начин ќе му олесниме на буџетот на државата. Средствата од него можат да се пренаменат за други земјоделски мерки како на пример за субвенции, рече Тасков.
На оваа програма земјоделците ќе конкурираат во наредните 45 дена. Досега за двете програми најголем интерес покажале жители од селата Иванковци и Виничани во општина Градско./Д.С