Возовите тргнаа сега се чека уште на виновникот за сообраќајната несреќа кај Рајко
Без проблеми, утринава, тргаат и стигнуваат возовите на железничката станица во Велес. Граѓаните со месечни возни билети, работници, студенти и ученици, заминаа кон Скопје. Во станицта, со мало задоцнување, пристигаат и возовите од Скопје. Една од причините е што по расчистувањето на вагоните и локомотивата на излезот од станицата „Рајко Жинзифов“ возовите се движат споро на тој дел од пругата.
Сообраќајот беше нормализиран вчера попладне а првиот воз кој тргна по пругата од Скопје кон Велес беше деловниот за Битола со време на поаѓање во 17.10 часот. Тогаш заврши поправката на оштетените прагови и шини во сообраќајната несреќа што се случи во неделата кога се судрија двата воза, патнички и товарен, на излезот од станицата Рајко.
Железничката компанија Инфтаструктура во текот на вчерашниот ден ги тргна ислизганите вагони и локомотивата од пругата. Потоа постави нови шини и треверци и го пушти железничкиот сообраќај по главната сообраќајна артерија во државата.
За утре, среда, е најавен извештајот на комисијата за утврдување на причината за несреќата. Таа е составена од преставници на двете железничарски јавни претпријатија, сообраќај и инфраструктура. Првичните информации беа дека станува збор за човечки фактор бидејќи сообраќајната сигнализација на пругата работела безпрекорно. Од Македонски железници најавија, доколку тоа се потврди, тогаш со одговорноста предизвикувачот на несреќата ќе заработи отказ и ќе треба да ја надомести штетата./Б.Н