Од СРЦЕ за СРЦE – Хуманитарен настан за помош на Стојанче Димовски
Хуманитарен концерт на кој ќе се собираат пари за лекување на Стојанче Димовски, 11 годишното дете болно од церебрална парализа, организираат неколку организации.
Во понеделник, по повод светскиот ден на лицата со попреченост 3 – ти декември, во 18.30 часот во фоајето на салата „Бели Мугри“ ќе бидат поставени продажни штандови, а во 19 часот отпочнува хуманитарниот концерт. Организаторите најавуваат дека ова ќе биде настан за помош на Стојанче, но и за забава и дружба на сите кои ќе присуствуваат.
„Стојанче Димовски има дијагноза церебрална парализа и се движи само со придружба. Потребно е негово лекување во Zhongfang Red Cross -Интернационална болница во Кина. Лекувањето вклучува хербална медицина за орален третман, масажа и акупунктура. Tерапијата трае три месеци и треба да започне во Декември, 2013 година и дава огромна надеж за Стојанче самостојно да прооди. За успешно лекување на семејството им се потребни 15.000 долари средства кои сеуште не се собрани. Сите заедно да му помогнеме на Стојанче да го оствари својот најголем сон..да чекориме заедно со него…да подариме насмевка на неговото лице“, вели Далиборка Златева, Здружение на родители на деца болни од церебрална парализа.
Инаку хуманитарниот настан го организира Здружението на лица со церебрална парализа во соработка со:Организација на жени, Жени пензионери, Здружение на инвалидски пензионери, ОЈУ Детска градинка ,,Димче Мирчев, Невладина „46664“ и Lions Club – Велес. Таму ќе настапат Мики Секуловски, Орхидеја Дукова, Елена Петревска, Тринити бенд, КУД – Керамичар, Балетско студио „Анабела“, Членови од ,,Здружение на лица со церебрална парализа. Сите со една верба дека насмевката на Стојанче ќе трае и по неколку месеци повторно ќе се дружат заедно на истото место за да ги прослават неговите први самостојни чекори./Б.Н.