Производствените претпријатија имаат потреба од образован кадар

Објавено: 11 септември, 2013, во 15:17 часот

Во Велес недостасува кадар од профилот квалификувани керамичари. Мали и средни претпријатија имаат потреба од работна рака и неможат да вработат техничари затоа што ги нема во Агенцијата за вработување. Засега на работните места сеуште се наоѓаат поранешните работници на Порцеланка но за неколку години кога ќе заминат во пензија претпријатијата ќе нема кого да примат на работа. Сопствениците сериозна опасност гледаат и во аверзијата на средношколците кон техничките факултети. Се плашат дека за неколку години исто така не ќе можат да вработат инжинери во своите фирми.

– На катедрата за неорганска технологија на УКИМ има само 3-ца студенти што е страшна ситуација значи веќе не се продуцираат кадри бидејќи никој не сака да студира а носечки треба да бидат во државата. Владата и агенцијата еве почнале еден проект кој го поздравувам но мора да изнајдат  начин како да стимулираат поголем број на средношколци да се запишуваат на технички науки. И тоа треба да се стимулираат да го прават наместо средношколци кои немале каде да се запишат и со слаб успех поминале токму другите кои се квалитетни, со добри оценки и постигнат успех, рече Трајче Трајков сопственик на производно претпријатие за керамички производи.

Тој е претседател на регионалната стопанска комора. Трајков смета дека државата треба да го запре процесот на создавање на неквалитетни средно и високо стручни кадри. Таа појава лошо влијае на создавањето и одржувањето на производството. Трајков појасни дека во изминатите десеттина години  во неговата фирма тој обучил работници кои сега имаат квалификација на керамичари но рече дека тоа не било лесна работа.

Според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски во изминатите две години невработените лица не покажале интерес за програмите за преквалификација или дообука.  Сега државата ќе се обиде преку задолжителна пракса, што се воведува во образованието на средношколците и шест месечна откако ќе заврши образованието на студентите, да ја подобри сликата со квалификувана работна сила во државата.

Во моментот структурата на невработени лица е многу лоша, таа не одговара на потребата која ја покажува бизнис заедницата. Иста е сликата и со дипломираниот кадар на општествените науки, беше речено на денешниот одржан форум во Велес./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.