Без проблеми започна новата учебна година во кавадаречките училишта
Без проблеми започна новата учебна година во сите основни и средни училишта во Кавадарци. За прв пат во училишните клупи годинава седнаа 350 првачиња. Годинава бројот е речиси ист со минатата година.
Денеска се чини нај радосни но во исто време и нај збунети беа токму тие. За нив секое од основните училишта имаше организирано свечен прием. Официјално добредојде и желби за големи успеси на првачињата им посакаа директорите на училиштата, а ги пречекаа и на првиот училишен час ги зедоа нивните наставници.
Во Кавадарци за прв пат во училишните клупи денеска седнаа 50 првачиња во „Димката Ангелов Габерот“ Кавадарци, 62 во „Тошо Велков Пепето“, 23 во „Димката Ангелов Габерот“ Ваташа, 73 во „Тоде Хаџи Тефов“, 51 во „Страшо Пинџур“ и 89 во ОУ „Гоце Делчев“.
Од локланата самоуправа Кавадарци информираа дека сите училишта максимално подготвени ги примија учениците. Во текот на летото во сите училишта биле завршени молеро-фарбарските работи.
На прв училишен час заедно со учениците од втора и четврта година во гимназијата „ Добри Даскалов“ беше и градоначалникот Александар Панов.
“Годинава имаме помал број на ученици што се запишани во прва година средно образование. Драстично помал број на нови ученици има во СОЗШУ „Ѓорче Петров“. Таму ќе направиме напори да се работи во една смена за да не се прават големи трошоци“ рече Панов./A.Д