Двајца повредени во железничка несреќа кај неселба Керамидна
Објавено: 18 август, 2013, во 22:02 часот
Дваесет годишниот Лазе Л и неговиот врсник Пепи А, двајцата од Башино село, се тешко повредени во железничката несреќа што вечерва околу 21 часот и 20 минути се случи на преминот на битолската пруга. Тие се наоѓале во автомобилот марка Форд, со велешка регистерска табличка кој преминал преку пругата во моментот кога доаѓал патничкиот воз од Битола за Скопје. Од силниот удар на возот сосема е уништен автомобилот кој завршил во Андреевиот крст. Лазевски и Анчевски, имале среќа, излетале надвор од Фордот но завршиле со повреди на главата и телото. Жители на населбата Керамидна повикале брза помош а на повредените им е укажана помош во болницата во Велес.
– Донесени се двајца пациенти на кои им укажавме помош. Тие биле патници во автомобилот и не се сеќаваа на случката. Имаат повреди на главата, нагмечувања на телото. Направивме компјутерски, ренгенски и лабораториски испитувања и задржани се на болничко лекување. Tие не се во животна опасност, рече д-р Љупчо Леов специјалист по трауматологија.

На местото на несреќата вечерва увид направи полицијата. Истрагата ќе треба да ги утврди причините за несреќата. Таа беше причина за неколку часовен прекин на сообраќајот на пругата од Битола за Велес. Возот стоеше стотина метри подолу од преминот на кој се случи несреќата. Во него имаше многу патници а меѓу нив и странски државјани. Несреќата предизвикала да му се влоши здравствената состојба и на машиновозачот. И нему му била пружена лекарска помош. Екипа на ЈП Македонски железници присуствуваше на лице место додека траеше полицискиот увид./Б.Н.Т


