Сушата негативно влијае врз лозовите насади
Сушата веќе причинува големи проблеми за лозовите насади, оценува експертот за лозарство м-р Диме Златев. Тој излезе со неколку препораки до лозарите со цел да се ублажат последиците.
„Кај некои лозја ситуацијата поради сушата за жал е веќе лоша, а кај некои дури катастрофална па доаѓа до сушење на листот па и грозјето. Чувствувам потреба да укажам на некои решенија за борба против сушата кои производителите на грозје треба да ги знаат. Добро е кога подлогата на лозата е дива и со вертикален длабок корен, така таа е поотпорна на сушата. Така на пример грозјето од сортата жилавка е неколку пати поиздржливо на суша од смедеревката. Жилавката може да ја замени смедеревката од сувите региони. Како поиздржливи се и сортите на грозје стрнушина и ркацители, кажа.
Златев нагласи дека во вакви услови многу е важно да се изградат мали вештачки акумулации. Тој рече дека лозовите насади кои се под систем за наводнување се со извонреден род и квалитет..