Во полн ек е бербата на боровинки на Кожув
Собирањето боровинки и оваа сезона привлече голем број граѓани. На Кожув дојдени се цели семејства да берат од ова шумско овошје но и да заработат за живеачка.
Боровинкарите не се задоволни од цената по која им се откупуваат набраните боровинки. Лани килограм се откупувал за 150 денари, претходно за 200, а годинава не им се плаќаат ни 90 денари.
Тие раскажуваат дека е мачно да се берат, но се приморани да обезбедат егзистенција за своите семејства.
„Тука сме со денови. Работиме од утро до мрак. Еден човек може во еден ден да набере околу 20 килограми“ рекоа берачите и објаснуваат дека годинава имало поголем род на боровинки споредено со минатите години.
„Цената годинава е пониска од лани и од претходните години поради тоа што боровинки има во изобилство од Србија, Франција, Германија. 87 денари за килограм плаќаме во овој момент. Неможеме да кажиме конкретно дали оваа цена ќе се задржи до крајот на сезоната“ рекоа откупувачите.
Луѓето кои се дојдени да берат боровинки ни рекоа дека годинава имаат и дозвола за берба за да не им биде залудна работата доколку бидат фатени како берат на диво./А.Д