Велешани го чествуваат Свети Великомаченик Пантелејмон, заштитникот на градот
Објавено: 9 август, 2013, во 10:50 часот
За велешани денеска сите патишта водат кон ридот на десната страна во градот каде се наоѓа соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Соборната црква од синоќа ширум ги отвори своите врати за да ги собере верниците кои во знак на благодарност му палат свеќа и кажуваат молитви за здравје, среќа и берикет на светецот кој е заштитник на градот.
– Му благодарам за се што сторил и прави за моето семејство. Особено за здравјето на моите внуци, рече велешанката Вера.
– Од секогаш на Свети Пантелејмон сум во храмот. И здрав и болен, ако треба се влечам по кривудавите улички но сум тука, да му се заблагодарам што сум жив и да побарам заштита од болеста, рече велешанецот Ристо
– Запалив свеќа за здравје и среќа, рече шестгодишната Мила.

Синоќа, велелепната црква беше претесна за да ги собере сите верници кои дојдоа од сите страни во градот. Во знак на благодарност кон светецот, кој во земниот живот бил лекар и го спасил градот од чума и колера, Епархијата Повардарска одржа вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски. Господин Агатангел на верниците им порача да ја чуваат нераскинливата врска со Бога исто како идентитетот и името на државата.
Во името на верниците и граѓаните, градоначалникот Славчо Чадиев му се заблагодари на светецот, кој будно го чува градот и граѓаните уште од IV век кога ги спасил од епидемиите на колера и чума.
– Градот постои 23 века од кои цели 19 века му благодари на целебникот Пантелејмон. Приказната за него се пренесува како легенда и предание на секоја нова генерација велешани за во 1840 година да му изградат храм. На сите оние што Свети Пантелејмон им е домашна слава нека им е честита. На сите сограѓани што на овој ден го слават својот именден, нека им е вечно името. На сите граѓани што се занимаваат со медицина им го честитам денот на заштитникот на медицинарите Св. вмч. Пантелејмон, рече Чадиев.

На свеченоста, синоќа, во дворот на црквата настапи младинскиот црковен хор “Свети Кирил и Методиј“. Присутните го проследија и играно документарниот филм „Македонска миланска скала“ на авторот Данчо Стефков. Филмот е снимен пред десет години кога на соборната црква и требаше помош и мораа да се реконструираат носечките столбови.
– Македонската миланска скала е вечност. Изградена е еднаш и ќе трае вечно. Така е и со снимениот филм го направивме еднаш за да остане вечно, рече Стефков.
Филмот му е посветен на најголемиот македонски и балкански градител Андреја Дамјанов и изградбата на соборната црква „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Годинешното одбележување на празникот на светителот се совпаѓа со одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на Андреја Дамјанов.

Синоќа повеќе велешки семејства во своите домови имаа домашна слава. Вечерва голем број граѓани ќе го слават именденот. И денеска се до попладневните часови светителот во храмот на ридот на десната страна на градот ќе ги прими сите граѓани и верници од Велес но и од регионот кои ќе посакаат да запалат свеќа и да кажат молитва за здравје./Б.Н



