„Кога возиш немој да пиеш, ако пиеш немој да возиш“ !
Во регионот управувањето на возила под дејство на алкохол се јавува како четврта причина за сообраќајните несреќи. За разлика од претходно оваа причина не е на прво место но сепак полицијата прави напори со превентивни мерки да ги едуцира возачите за големата опасност на која се изложуваат, доколку возат под дејство на алкохол.
Денеска во Кавадарци, сообраќајната полиција спроведе превентивна акција под мотото „Кога возиш немој да пиеш, ако пиеш немој да возиш“. Се запираа возила и полициските службеници им делеа флаери со едукативна содржина на возачите.Исто така се делеа и маус падови со логото на акцијата изработени во соработка со Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај.
„При алкотестирање на возачите се констатира дека тие возат под дејство на алкохол. Покрај превентивните мерки, ние еднаш неделно реализираме и акции со репресивни мерки. Алкохолизираните возачи се исклучуваат од сообраќај, им се одзема возачката дозвола 24 часа и им се издава платен налог согласно законот за безбедност на сообрќајот на патиштата. Во регионот, алкохолот падна на четврто место како причина за сообраќајна незгода. Но, сепак превземаме превентивни акции“ рече инспекторот за сообраќај Диме Крстев.
Во земјава дозволените количини на алкохол во крвта за возачите аматери изнесува 0,5 промили, а за професионалните возачи не е дозволено воопшто да имаат присуство на алкохол во крвта додека возат. Алкохолот дава лажна самодоверба, ја зголемува желбата за брзо возење, го продолжува времето на реагирање.
“Согласно законот за безбедност во сообрќајот, за присуство на алкохол од 0,51 до 0.99 примили глобата е 250 евра, од 1 до 1,49 промили се плаќа казна од 300 евра, од 1,50 до 2 промили казна од 350 евра и над 2 приомили глобата е 400 евра. Исто така се поведува прекршочна постапка. Судот може да изрече казна забрана за управување моторно возило од 3 до 12 месеци“ рече Крстев. Во неговото работење имал запрено и алкотестирано возач кај кој било утврдено дека имал над три промили алкохол во крвта.