Велес, вечерва и утре, го слави делото на заштитникот на градот, Свети Пантелејмон
Објавено: 8 август, 2013, во 12:00 часот
Велешани вечерва масовно ќе го посетат велелепниот соборен храм кој го носи името на заштитникот на градот. Соборната црква „Свети Великомаченик Пантелејмон“, изградена од најголемиот македонски неимар и градител Андреја Дамјанов, ќе ги отвори ширум вратите за верниците кои палат свеќи и искажуваат почит кон делото на светецот. Така ќе му се заблагодарат на Свети Пантелејмон, кој во земниот живот бил лекар, и успеал градот да го спаси од чума. Во чест на неговото дело во 1840 година е изградена црквата на ридот на десната страна во Велес.

Вечерва чествувањето посветено на светителот ќе започне со празнична богослужба во соборниот храм со која ќе чиноначалствува Митрополитот Повардарски г-дин Агатангел во сослужение со свештениците од Повардарската Епархија.
Потоа во дворот на црквата ќе настапи градскиот црковен хор „Свети Кирил и Методиј“.
Верниците ќе го проследат и играно документарниот филм „Македонска миланска скала“ авторски проект на Данчо Стефков посветен на црквата Свети Великомаченик Пантелејмон. Во филмот улогата на Андреја Дамјанов ја игра актерот Јордан Витанов. Во филмот е користена авторска музика на композиторот Марјан Неќак. Филмот е во продукција на ТВ Здравкин.

Годинешното чествување се случува на 200 годишнината од раѓањето на Андреја Дамјанов./Б.Н
Погледнете го филмот:
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=EkQYkYyFTfU{/youtube}


