Француски туристи во Велес: Заштитете го архитектонското наследство!
Објавено: 8 јуни, 2013, во 12:21 часот
Се прошетаа низ велешките сокаци и застанаа пред скоро секоја куќа изградена од камен и дрво. Со особено внимание ги набљудиваа градскиот саат, архитектонскиот изглед на основното училиште Свети Кирил и Методиј, спомен куќите на Васил Главинов и на Јордан Хаџи Константинов Џинот. Овие градби ја импресионираа групата туристи од Алзас која од вчера престојува во градот.
Но, она што несомнено остави најголем впечаток кај нив беше куќата на Касапови. Француските историчари, кустоси и конзерватори неможеа да се одделат од глетката на куќата што лебди во Велес. Марта Стфел, кустос во Алзас, беше најконкретна во стручниот опис на градот.
– Поседувате непроценливо архитектонско наследство. Градбите се автентични, каменот и дрвото, се оригинално вкомпонирани во градбите. Посветете внимание на оваа убава архитектура и имате уште многу, многу нешта за да го направите Велес уште поубав град – рече Стифел .

Додека шетаа низ делот на градот над Долни Дуќани, туристите ги фотографираа возрасните грѓани кои седеа на мали дрвени столици, погледите завршуваа и во куќите и дворовите на велешани. Тие тивко коментираа како во дворот на секоја куќа има многу цвеќе, го забележаа непосредниот однос на граѓаните. Сите беа заинтересирани да ја дознаат приказната за Адата, малиот остров во реката Вардар, на јужниот излез од градот.
– Ова е многу топла и гостопримлива земја. Сакам повторно да дојдам во Македонија – рекоа неколкумина од туристите кои неизоставија да соопштат дека тоа го посакуваат прво од професионален аспект а потоа и од туристички.

Нив во Македонија ги донесе Жак Шлеф. Тој е претседател на асоцијацијата Алзас Франција – Македонија.
– Досега зборувавме а сега преминуваме на конкретна работа. Ова е првата група на туристи составена од историчари кои ќе имаат задача да направат промоција на вашата земја. Ова е дел од програмата за поголема соработка на планот на развојот на туризмот и носењето на туристи од регионот Алзас од Стразбур овде во Македонија, – рече Шлеф.
Денеска оваа група, по осумдневниот престој, заминува од Македонија назад во Франција. Наскоро ќе треба да стигне втората составена од познати тур оператори од Алзас./Б.Н





