Групна тепачка со ножеви и боксачи во дворот на велешката гимназија!
Објавено: 7 јуни, 2013, во 14:55 часот
Повредено е едно момче, полицијата приведе десетина учесници, мотивот дополнително ќе го утврдува.
Осумнаесет годишно момче од селото Оризари е повредно во крвавата тепачка меѓу две групи средношколци што се случи во еден часот попладнето во дворот на гимназијата кај споменикот на Кочо Рацин во Велес. Ученици од хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ и техничкото „Коле Неделковски“ физички се пресметувале меѓу себе откако завршиле часовите тврдат од полицијата.
„Приведени се десетина млади лица од кои најголемиот дел се средношколци, но полицијата се уште работи на терен и можни се нови приведувања. Тие во 13 часот во дворот на гимнаизјата го нарушиле јавниот ред и мир, меѓусебно пресметувајќи се со нож и боксер. По расветлување на целиот случај ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, рече Ненко Александров, портпарол на СВР Велес.

Од училиштата пак негираат дека се тоа нивни ученици и велат дека се работи за повозрасни луѓе. Според очевидци настанала вистинска бркотница по доаѓањето на полицијата и тоа пред очите на многумина кои биле гости во кафулињата од другата страна на главната улица. Обезбедувањето на хемиското училиште прво притрчало и го спречило напаѓачот и му го земал ножот од раце. Сепак тој успел да повреди еден од учесниците во тепачката.
„Повредата е убодна рана со ладно оружје на левата рака од пациентот со иницијали А.Х. и е од средно тежок карактер, додека останатите деца не се донесени во болницата. По лекувањето ќе биде пуштен дома“, рече Силвана Мишкова, портпарол на болница.
Остатоци од крв можеа да се забележат и на споменикот во гимназијата. Полицијата најави повеќе детали за причините за тепачката во текот на наредните денови./Б.Н.



