Краделе риба со шокови кои ги пуштале од акумулатор!
Двајца велешани, краделе риба на велешко езеро на чуден начин.
Со помош на електрошокови од акумулатор ги зашеметувале рибите кои испловувале на површината и станувале лесен плен за нив. Крадците се сместиле во чамец а струјата од акумулаторот до водата и рибите стигнувала преку металниот обрач од кепката со долга дрвена рачка. Риболовното друштво Бабуна, инспекторатот и полицијата ги фатила крадците на дело, среде бел ден.
„Тие се дел од добро организирана велешка група. Фатени се само двајца од шест или седум крадци кои имаат логистика од луѓето на крајбрежјето. Не се единствени затоа што знаеме и за други групи на рибокрадци кои доаѓаат од Скопје и од околните градови,“рече претседателот на СРД Бабуна, Ѕвонко Мачавелов.
Во акцијата освен чамецот и акумулаторот запленети се двоглед мрежи и трски како и Амур тежок 15 килограми. Овој вид риба е реткост во езерото.
„Штетата е огромна и непроценлива. Ние како спортско риболовно друштво ќе им поднесеме кривична пријава на рибокрадците,“ рече Мачавелов.
Ова е прв случај во кој со помош на акумулатори и додатна опрема се лови риба. Рибокрадството на велешко езеро зема замав и покрај високите казни. Од спортско риболовното друштво по кој знае кој пат апелираа на совеста на граѓаните бидејќи ако продолжи ваквиот начин на масовно ништење на рибата тогаш Младост нема да го спасат ниту честите порибувања.